Инфлацијата во јуни конечно едноцифрена, се намали на 9,3 отсто
Во октомври 2022 инфлацијата изнесуваше 19,8 отсто. Оттогаш се намалува секој месец. Владата предвидува инфлација од 2 отсто во 20024
Годишната инфлација во јуни се спушти под десет отсто и по подолго време е едноцифрена.
Како што соопштија од Министерството за финансии, повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика, таа во јуни изнесуваше 9,3 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во јуни 2023 година, во споредба со претходниот месец, изнесува 1 отсто, а индексот на цените на мало изнесува 0,7 отсто. Индексот на трошоците на животот во јуни 2023 година, во однос на јуни 2022 година, бележи зголемување од 9,3 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,7 отсто.
Статистичарите измерија дека во јуни во однос на претходниот месец најмногу поскапело свежото и разладеното овошје за 13,2 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 6,7 отсто, додека шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи поскапеле за 2 отсто, виното за 0,8 отсто, сирењето и урдата за 0,7 отсто.