Годишната инфлација во еврозоната во мај 6,1 отсто


 

Во еврозоната инфлацијата во мај е измерена на 6,1 отсто на годишно ниво, откако во април цените на производите за широка потрошувачка пораснаа за седум отсто на годишна основа, соопшти европската статистичка служба Еуростат во денешната прва проценка.

Инфлацијата во мај е највисока во сегментот храна, алкохол и тутун, а растот на овие цени падна од 13,5 отсто во април на 12,5 отсто.

По нив следат цените на индустриските производи без енергија, кои во мај се повисоки за 5,8 отсто од претходната година, додека во април се повисоки за 6,2 отсто.

Цените на услугите, кои во април на годишно ниво беа повисоки за 5,2 отсто, во мај се повисоки за пет отсто отколку во мај лани. Цените на енергетските производи во мај годинава се за 1,7 отсто пониски од мај лани. Во април, пак, тие беа за 2,4 отсто повисоки од април минатата година.

Од земјите што го користат еврото и за кои Евростат имаше податоци, најниска годишна инфлација во мај забележаа Луксембург (2,0 отсто), Белгија (2,7 отсто) и Шпанија (2,9 отсто).

Највисока имале Летонија и Словачка (12,3 отсто) и  Естонија (11,2 отсто).

Без цените на енергијата и храната, инфлацијата во еврозоната во мај беше донекаде умерена и изнесуваше 5,3 отсто. Пред тоа во април достигна 5,6 отсто. Највисоко од постоењето на заедничката европска валутна зона беше во март со 5,7 отсто.

Во Словенија годишниот раст на потрошувачките цени минатиот месец изнесуваше 8,1 отсто, откако во април беше 9,2 отсто, покажуваат податоците на Евростат.