Годишна средба на граѓанските организации од областа животна средина и одржлив развој во Охрид


Во Охрид денеска започна 17- та годишна средба на граѓанските организации кои работат на полето на животната средина и одржливиот развој и Коалицијата за клима, која има за цел да помогне во  подобрување на комуникацијата и зајакнување на нивната соработка, како и градењето на одржливи партнерства со сите релевантни чинители. 

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова во своето воведно обраќање ги изложи клучните приоритети и цели на Министерството за животна средина за 2022 година и следните планирани чекори, како и Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество 2022-2024 година, усвоена во декември 2021 година, чија цел е да го подобри правното и институционалното опкружување за граѓанското општество, со соодветна финансиска рамка за нивните активности и правичен, сеопфатен и здрав модел на државно финансирање.

Шукова го презентираше Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година, во кој се содржани политичките, економските и правните текови во земјава и кој претставува патоказ за институциите за натамошно ефикасно спроведување на домашните реформи.

Годишната средба е во организација на Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, во соработка со Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Македонскиот зелен центар и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – CVNP.