Годишна изложба на Факултетот за арт и дизајн


13-тата по ред традиционална Годишна изложба на студентите од Факултетот за арт и дизајн ќе се отвори утревечер во 20 часот, во халата на старата печатница во објектот на Европски универзитет во Скопје (каде се одржа пролетниот Моден викенд Скопје). И овој пат, изложбата ќе ги претстави најдобрите дела и дизајн решенија кои произлегоа од практичните активности во изминатата академска 2018/19 година.

И оваа година успешно се реализираа предвидените наставни активности, дополнети со работилници, модни ревии, посети на музеи и галерии, како и дружење со докажани гости – професионалци. Учествувавме на Модниот викенд Скопје со модната ревија „Ив Сен Лорен и јас”; учествувавме во работилницата Future Cities на UNDP; се претставивме на Младинскиот пролетен салон во Мала Станица; учествувавме во јавни конкурси, добивме Благодарница за учество во наградата за најдобри општествено одговорни практики во 2018 година за проектот „Дете и простор“; престојувавме во Словенија, Литванија, Италија, Германија, Полска и Црна Гора во рамки на програмите Еразмус+… сите овие активности нè инспирираа и нè мотивираа да бидеме подобри и уште покреативни.

Инспирирани од силната светлина на револуционерната Баухаус школа, се придружуваме кон светската прослава на 100-те години од нејзиното основање со плакатот за изложбата во препознатливиот Баухаус стил и со други студентски дела.