Годишен состанок на Иницијативата за регионите со јаглен кои се во транзиција во Западен Балкан и во Украина


Иницијативата за регионите со јаглен кои се во транзиција во Западен Балкан и во Украина денеска и утре онлајн ќе го одржи годишниот состанок чија цел е да поддржи отворен, повеќестран дијалог за постепено напуштање на употребата  на јагленот и правична транзиција кон одржливи извори на енергија во Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Украина.

Иницијативата ја предводи Европската Комисија, во соработка со шест меѓународни партнери: Светската банка, Секретаријатот на Енергетската заедница, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ), полската Национална фондација за заштита на животната средина и управување со водите (НФОСиГВ), и Колеџот на Европа во Натолин. Целта е да се поттикне дијалог ширум целиот регион и помеѓу засегнатите страни преку споделување на знаењето, градење на капацитетите, и размена помеѓу регионите со јаглен во Западен Балкан и во Украина и ЕУ.

Иницијативата ќе ги поддржи регионите со јаглен коишто се стремат да спроведат праведна транзиција кон одржливи извори на енергија. Земјите што се наоѓаат во фокусот на иницијативата се Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Украина. Со првичниот скрининг беа идентификувани 17 региони со значителни јагленокопни активности и термоцентрали на јаглен коишто се квалификуваат да земат учество во иницијативата. И другите региони со значителни јагленокопни активности и термоцентрали на јаглен се исто така добредојдени да ѝ се приклучат на иницијативата.

Иницијативата ќе овозможи отворена платформа за дијалог ширум целиот регион и со сите засегнати страни преку комуникациски активности и настани. Ќе спроведе програма за размена меѓу јагленовите региони на искуства, знаења и најдобри практики за прашања поврзани со транзицијата. Ќе се изградат капацитетите на релевантните засегнати страни преку Академија за учење во регионите со јаглен којашто ќе понуди наменски обуки за управување, ангажирање на заедницата, рехабилитација на животната средина и пренамена на земјиштето и имотите. На избраните пилот-региони ќе им се даде техничка помош во форма на експертска поддршка за да изработат планови за транзиција за релевантните државни органи. Ќе им помогне на јагленовите региони да пристапат до финансиски средства за проекти или програми за транзиција, врз основа на најразлични извори достапни од Европската комисија, Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.

Намерата на иницијативата е заеднички да ги истражи патеките за правична транзиција на регионите со јаглен во Западен Балкан и Украина и да помогне во остварувањето на целите на Зелениот договор. Иницијативата е воспоставена во контекст на посветеноста на ЕУ за справување со климатските промени и за да помогне во остварувањето на целите на Парискиот договор.