Годинава речиси половина милион луѓе летале од аеродромите во Скопје и во Охрид



Во првите три месеци од 2019 година вкупно 480.845 патници патувале преку двата аеродрома – Меѓународен Аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, што е пораст од 7 отсто споредено со истиот период во 2018 година.
Меѓународниот Аеродром Скопје опслужи 454.448 патници во првиот квартал од 2019 година, со 5,6 отсто пораст на годишно ниво, додека на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид опслужени беа 26.397 патници, што е 63,9 отсто годишен пораст.
– Првиот квартал од 2019 година го завршивме со речиси половина милион патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле Охрид“. Скопскиот аеродром ја забележа очекуваната стапка на пораст од 5,6 отсто, што ќе биде и повисока во вториот и третиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации, Баден-Баден и Бремен отворени во март оваа година, како и Ларнака и Турку, кои што ќе бидат отворени во јули 2019 година. На охридскиот аеродром забележавме неверојатен пораст во бројот на патници од 64%, како резултат на трите нови авиолинии отворени во последните шест месеци – Виена во ноември 2018 година, Малме и Милано – во март 2019 година. Со дополнителните четири нови дестинации што ќе се отворат ова лето – Меминген, Дортмунд, Штутгарт и Дизелдорф, очекуваме да ја одржиме високата стапка на пораст на бројот на патници на аеродромот во Охрид, притоа постигнувајќи нови рекорди. ТАВ Македонија, заедно со сите владини тела во областа на воздухопловството, ќе продолжи да работи на развој на мрежата на авиолинии на двата аеродрома. Во исто време, задоволството на патниците ќе остане како еден од нашите врвни приоритети, со фокус на подобрување и иновација на услугите за авиокомпаниите и патниците – изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според статистичките податоци за патнички сообраќај на ТАВ Македонија, од јануари до март 2019 година, најфреквентните дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје се: Истанбул со 10,9 отсто пазарен удел, Цирих (7,5 отсто пазарен удел), Базел (5,7 отсто пазарен удел), Малме (4,9 отсто пазарен удел), Виена (4,8 отсто пазарен удел), Меминген (3,6 отсто пазарен удел).

Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Wizz Air има превезено најголем број од патниците со 67,4 отсто пазарен удел, а потоа следуваат Turkish Airlines со 8,4 отсто, Germania Flug со 4,8 отсто, Austrian Airlines со 4,7 отсто, Edelweiss – 2,6 отсто, Pegasus Airlines со 2,5 отсто.
Меѓународниот Аеродром Скопје ги поврзува патниците со вкупно 42 редовни дестинации, до кои сообраќаат 13 авиокомпании. На Aеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид во моментов 11 авиокомпании опслужуваат пет редовни и осум сезонски дестинации.

ТАВ Македонија ја заврши 2018 година со вкупно 2,3 милиони патници на двата аеродрома, што претставува 16 отсто годишен пораст, и со 19.750 летови, односно 9 отсто годишен пораст.