Годинава економскиот раст на ЕУ изнесува четири отсто


Белгија – Европската унија ќе забележи економски раст од четири отсто во 2022 година и 2,8 отсто во 2023 година, соопшти денеска Европската комисија. Во 2021 година ЕУ имаше економски раст од 5,3 отсто.

Зимските економски прогнози за 2022 година наведуваат дека Унијата како целина го достигнала нивото на бруто домашен производ (БДП) од пред пандемијата во третиот квартал на 2021 година и предвидува дека сите членки ќе ја преминат таа граница до крајот на 2022 година.

Највисок економски раст во 2022 година, од шест отсто, ќе има Малта, а најмал Белгија од 2,7 проценти. Унгарија, Словачка, Ирска, Шпанија, Португалија и Полска ќе забележат раст на БДП од пет и повеќе проценти, според прогнозите на Европската комисија.

Потпретседателот на ЕК за економија Валдис Домбровскис најави дека економијата на ЕУ сега го вратила она што го изгубила за време на кризата благодарение на успешната кампања за вакцинација и координираната поддршка на економската политика.