Годинава без заедничко славење на Илинден


Македонија годинава сама ќе си го слави Илинден. Најверојатно поради корона епидемијата, нема ни најава ни интерес од официјална Софија да земат учество во настаните со кои се одбележува празникот во нашата држава. Последните две недели Бугарија ја тресат и силни антивладини протести, така што мали се шансите бугарскиот естаблишмент да се премисли.

Откако беше потпишан Договорот со Бугарија во 2017 година, премиерото Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов двапати го славеа заедно Илинден и двапати го направија тоа со полагањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Оттогаш  Делчев стана причина за прекин на преговорите и за влошување на односите меѓу двете држави.

Пред две години Борисов дојде во Скопје на денот на празникот, 2 Август, а лани дојде ден претходно, при што ни првиот ни вториот пат не покажа желба да отиде таму каде што се слави најавтентично, на Мачкин Камен во Крушево,  место кое стана „политичко минско поле“ за функционерите минатите години. Годинава таму повторно ќе се обрати Талат Џафери бидејќи ниту една партија нема интерес да ги влошува односите со ДУИ напаѓајќи ги нејзините функционери на Илинден.

Инаку, во рамките на преговорите на историската македонско-бугарска комисија се уште нема одлука Гоце Делчев да се слави заеднички, како што е договорено за  Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Наум, Цар Самоил и Григор Прличев и  Илинденското Востание.