Година најавена како економска


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Годинава, која од највисоко место беше најавена дека ќе биде економска, за жал, најверојатно, ќе остане да се памети само како рекетарска. Дури и да се постигнат одредени просечни економски резултати, тие ќе останат во сенка на очигледниот дебакл на институциите во земјава.

По истекот на скоро 2/3 од годинава, економските случувања не даваат оптимистичка перспектива. Земјава ќе се бори со вообичаените можности да достигне раст на економијата до нивото од 3 – 3,5 отсто во услови на непостоење на дисперзиран раст на животниот стандард и продолжување на тажното масовно иселување на работната сила во странство. На ова сега се додаваат и многубројните најави за актуелна опасност од појава на рецесија во одредени, за нас важни економски делови од светот. Тие сè уште не се јасни и само магловито се појавуваат, но доволни се за да ни зададат дополнителни грижи. Дел од таквите сигнали доаѓаат од различни делови на светот. Најчесто споменувани се неразумната и целосно непредвидлива трговска војна што меѓу себе отворено ја водат двете најголеми економии во светот, односно онаа на САД и НР Кина што претставуваат околу 40,4 отсто од светската економија. Имено, според податоците на ММФ за 2018 година нивните економии, според обемот на БДП се во висина од 20,4 и 14,0 илјади милијарди долари од проценетиот светски БДП од околу 85,1 илјади милијарди долари. Таквата трговска војна, заедно со другите фактори го намали очекуваниот раст на кинеската економија што во оваа и наредните две години се очекува да биде во границите од „само“ 6,0 – 6,2 отсто (велиме „само“ бидејќи во претходните 25 години економијата растеше со просечна стапка од околу 9 отсто годишно), и на американската економија на околу 2,5 отсто со перспектива во наредните две години да се намали на околу 1,6 – 1,7 отсто. Еден од показателите дека надолните движења се можни е состојбата со нивните најзначајни берзански индекси што во изминативе 30 дена изгубија значаен дел од нивната вредност. Имено, Доу-Џонс (Dow-Jones Industrial Average) се намали за 9,4 отсто, Насдак (Nasdaq Composite) за 5,0 отсто, а главниот кинески берзански индекс ССЕ (SSE Composite Index) за 3,4 отсто.

Ваквите состојби полека се прелеваат и во другите важни светски економии. За нас се важни економиите на ЕУ. Берзите се во стагнација и паѓање, а податоците за растот на БДП се малку вознемирувачки. Имено, економијата на ЕУ во минатите четири квартали покажува „ползечки“ активности со раст на кварталниот БДП од 0,2 отсто во третиот квартал лани, па следствено од 0,2, 0,4 и 0,2 отсто во четвртиот квартал лани и во првите два оваа година. На годишно ниво тоа е раст од незадоволителни 1,0 – 1,3 отсто.

Во Велика Британија, петтата најголема светска и втората најголема европска економија, која покрај сè друго е погодена и од процесот на Брегзит, има последици што веќе се чувствуваат. Фунтата губи од својата вредност, БДП во вториот квартал годинава се намали за 0,2 отсто, а легендарните Британски челичани (British Steel) што некогаш беа симбол на британската индустрија и економско-воената моќ и што имаа околу 150.000 вработени сега во најголем дел не работат, истите се неликвидни и пред целосно затворање, па бараат спас во странски инвеститор што би ги презел. Каква иронија на судбината – единствената понуда што до сега ја добија е од турскиот Ataer Holding што е подружница на турскиот армиски пензиски фонд (Oyak) со кој веќе потпишаа и промеморија. Глобалните економски движења се целосно непредвидливи нели?

Посебна паника во вториот квартал од годинава внесе фактот што најмоќната европска и четвртата светска економија – германската, покажа намалување на активностите со пад на БДП од 0,1 отсто. Тоа е незначително, но во контекст на вкупните настани не е ниту за потценување. Да потсетиме дека Германија е нашиот најзначаен трговски партнер што, на пример, апсорбира околу половината од нашиот вкупен извоз на стоки. По повод ваквите настани, во еден свој неодамнешен текст, аналитичарот Зоран Јовановски предупреди дека за македонската економија „постои основа да се очекува работите да одат на полошо кога станува збор за извозот“ и тој веројатно е во право.

Можеби очекувањата за некаков нов катастрофален „рецесиски удар“ врз светската економија, на што повремено предупредуваат многу истакнати светски научници и експерти, нема да се случат, особено не со некакви поголеми последици и за нашата економија, но факт е дека претстои еден екстерен објективен предупредувачки бран што се заканува на светската економија и што нас секако треба да не држи „будни“. Впрочем во последното статистичко соопштение што го издаде Државниот завод за статистика на 15 август, а во врска со деловните тенденции во преработувачката индустрија на Македонија се вели дека „.. .индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јули 2019 година е намален за 0.1 процентен поен во однос на јуни 2019 година… состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јули 2019, во однос на јуни 2019 година, е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец,… оценката за економската состојба на деловните субјекти во јули 2019 година е понеповолна во однос на претходниот месец,… се очекува бројот на вработените да се намали“ и дека „најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 26.3 отсто, недоволната странска побарувачка со 17.9 отсто, недоволната домашна побарувачка со 13.9 отсто и неизвесното економско опкружување со 11.1 отсто.“

Колку и да се рутински ваквите оценки и изведени врз основа на „очекувањата“, тие сепак се релевантен индикатор дека можеби ни претстои уште понеизвесна краткорочна економска перспектива. Впрочем, и вредноста на нашиот најважен берзански индекс МБИ-10, со својата стагнација изразена преку своите циклични и нестабилни движења во последниве три месеци јасно ни дава до знаење дека со нашата економија се случува нешто што не е многу позитивно.

Наспроти тоа, вниманието на најважните и релевантните институции сега е скоро целосно насочено во спротивен правец. Тие очајнички се обидуваат да се соземат од шоковите предизвикани од најновите појави на корупција, криминал, организиран криминал, па дури и за земја како нашава, неочекувано висока и груба вмешаност во тоа од страна на највисоки претставници на политичкиот живот во земјава. Оваа 2019 година е таа што беше најавена како економска, во која фокусот на институциите и јавноста требаше да биде насочен кон економските проблеми и состојби, нели? Се чини од тоа нема да има ништо, а ни претстои и период во кој ќе треба да се задржат и некои постигнати резултати бидејќи и тие можат да бидат изгубени.

Сè ова покажува дека управувањето со економијата е навистина ѓаволски тешка работа во која никој никогаш не знае што може да се случи во опкружувањето и што може сосема ненадејно да ја вложи или подобри состојбата на една економија. Во такви услови колку е економијата помала, толку е поподложна на разни внатрешни и надворешни удари.