Гоце, пријателот на таткото на Вања не дојде да сведочи – имал паничен напад


Фото: Б. Грданоски

Гоце Трајковски, пријател на таткото на убиената Вања кој заедно со Александар собирале и гледале снимки по нејзиното грабнување, не се појави на суд на денешното судење за убиството на Вања и Панче.

Обвинителството не успеало да го обезбеди, а неговата мајка кажала дека имал паничен напад и висок крвен притисок.

Пред судот сведочат родителите и сестрата на Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во случајот, како и членови на фамилијата на Гоце Трајковски.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.