Се видовме кај Зеле Липовача, не знаев дека ни е последен пат: Збогум Драгане, лесна ти земја


Лејла Сабит

Со Драган Вучиќ се видовме во февруари, на ексклузивната промоција на новиот албум „Jukebox“ (издание на Croatia Records ) на југословенската легенда Зеле Липовача од „Дивље јагоде“ во Скопје. Во ГТЦ нѐ собра домаќинот Иван Бечковиќ, (супервизор во „Croatia Records“ за Македонија). На нивните хитови „Криво је море“ и „Једина моја“ генерации се вљубуваа и раскинуваа, а мангупите глумеа дека свират гитари на „Мотори“ и на „Шејлa“ кога вокал им беше Ален Исламовиќ.

Нормално, каде има добра музика и дружба, таму е и Драган Вучиќ, кој правеше разни емисии по вкус на публиката, ама најмили му беа со гостите од ексЈУ просторот и регионот. Му побарав мобилен за интервју со него. Некако ми беше сериозен, не знаев дека се гледаме за последен пат. Корона вирусот тропна на вратата на Македонија и за жал не го направивме интервјуто. А сега, како шок ми дојде веста дека Драган повеќе го нема, и неговите „Гурмански муабети“, последниот негов проект, со мајка ми ќе ги гледаме во болна тишина.

Како новинар во естрадата над 20 години со Вучиќ имавме коректна соработка, се сеќавам кога бев во „Вест“ ми се јави да направам ексклузивно интервју со хрватската поп-ѕвезда Горан Каран, во еден од скопските ресторани со вегетаријанско мени. Дружбата беше прекрасна, а открив дека Каран е исклучително паметен, луциден и образован, како и сите ѕвезди со кои сум се сретнала од регионот. И Драган беше остроумен и амбициозен, воопшто не му беше гајле што другите мислат за него (или не покажуваше) , неговите емисии и квизови како „Вашите пет минути“, „Среќни луѓе“, „Возење со Вучиќ“ …беа најгледани од публиката, и со најмногу спонзори. И во најголемите кризи му успеваше да ги донесе во Македонија најголемите ѕвезди и тие тоа не го заборавија и го почитуваа.

Пред да стане водител на најгледаните емисии и шоуа, тој беше и исклучителен гитарист, вокал на бендот „Кода“ и композитор. Тој ги компонираше евергрините „Свирете ја зајди, зајди“, „Ангели ме носат“ и „Кажи ѕвездо“. Тој ја компонираше и песната „Make My Day“ со која неговиот син Мартин нѐ претставуваше на Евросонг во 2005 година.

Како човек, велат го сакаше животот и уживаше во него, а најмногу од се семејството, сопругата Весна и синот Мартин, на кого сега им е најтешко.

Благодарам Драгане за сѐ што направи за македонската публика и музика, нека ти е лесна земја!