Го сака ли некој Кристијан Шмит во Босна и Херцеговина?
Високиот претставник во Босна и Херцеговина предизвика бурни реакции откако во телевизиски настап го изедначи Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Република Босна и Херцеговина, со осудениот воен злосторник Ратко Младиќ
Во август 2021 година, Кристијан Шмит ја презеде функцијата висок претставник во Босна и Херцеговина и оттогаш практично континуирано создава конфузија, во веќе збунетиот и шизофреничен политички контекст на Босна и Херцеговина.
Шмит беше назначен на таа функција во моментот кога високиот претставник во заминување Валентин Инцко наметна закон со кој се забранува негирање и глорификација на злосторствата и геноцидот, оставајќи зад себе правен и политички вакуум и општество никогаш подлабоко поделено. Додека од една страна одлуката на Инцко за наметнатиот закон беше поздравена како многу неопходен механизам за спречување на националистичко дивеење и ревизионистички навреди кон жртвите и здравиот разум, од друга страна потегот генерално беше протолкуван како напад на слободата на говорот и особено врз српскиот народ, што сето тоа резултираше со бојкот на политичките претставници од босанскиот ентитет Република Српска и целосно одбивање да се соработува со новоизбраниот висок претставник, што трае до денес.
Политичките претставници од тој ентитет, предводени од неговиот сегашен претседател и лидер на СНСД, Милорад Додик, оттогаш се натпреваруваат да го понижат Шмит што е можно побрутално, нарекувајќи го приватно лице, германски турист и уште десетина погрдни имиња, од кои многу не се пристојни за медиумите. Босна и Херцеговина со високиот претставник, „а особено со Шмит“, упорно повторуваат Додик и неговите колеги, стана несуверена, неефикасна, квазидржава, протекторат на модерното време, што ги нарушува човековите права и слободи на конститутивните народи и граѓани.
На Шмит не му требаше многу време да им замери на бошњачките политички претставници, пред сѐ на најсилната бошњачка партија СДА, која и до ден денес не му прости што наметнува постизборни правила за формирање влада, поради што СДА изгуби важен лост за блокирање на работата на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина, бидејќи во 2022 година премина во опозиција на ентитетско и државно ниво. Шмит ѝ се замери и на т.н граѓанска струја, мешајќи се во судскиот процес пред Европскиот суд за човекови права во случајот „Ковачевиќ против БиХ“, кој се занимава со прашањето на етничката и територијалната дискриминација во изборниот систем на БиХ.
Иако Шмит често се обвинува – а најчесто од бошњачките националистички кругови – дека работи исклучиво за интересите на ХДЗ на БиХ, факт е и дека најсилната хрватска партија бурно реагираше на интервенциите на Шмит во Изборниот закон на БиХ, нарекувајќи ги неговите потези „ непотребни“, што „ќе има непроценливи последици врз понатамошните интегративни процеси“.
Во основа, за само три години од неговиот мандат, Шмит успеа да ги навреди повеќе или помалку сите (иако, не со ист интензитет) и наскоро може да стане најнискиот заеднички именител на единствениот просперитетен обединувачки политички фактор во Босна и Херцеговина: омразата.
Во својот последен јавен настап, кој одекна како бомба, Шмит гостувајќи на ТВ Фејс уште еднаш успеа да се судри, овојпат – со фактите. Неговиот обид да објасни како луѓето поврзани со војната не треба да се претставуваат како пример за учениците во училиштата заврши со катастрофа. Неговата конфузна и недоречена изјава, во која се обиде да ја критикува одлуката на властите во Република Српска да ги дополнат тамошните учебници по историја со информации за осудените воени злосторници Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, прикажувајќи ги како воени херои, беше дочекана со огорченост и гнев, бидејќи во ист контекст со воениот злосторник Младиќ го спомена и Алија Изетбеговиќ.
„Навистина сум убеден дека тие слики на Младиќ и Ковачевиќ. Се извинувам ,Младиќ кој исто така е именуван на истиот начин како… Не Ковачевиќ… Не можеме да имаме таква разлика… Ако ги видиме Младиќ и Алија Изетбеговиќ, неприфатлив начин. Зошто да се ставаат слик? Дајте податере им на овие деца можност да учат и сами да донесуваат одлуки. Мислам дека треба да имаме конференција, да работиме со академици за тоа што е историја и што можеме да им понудиме на новите генерации“, рече Шмит на Фејс ТВ.
Изјавата беше оценета како „скандалозна“ и „неприфатлива“, а така мислат и претставниците на власта и опозицијата на сите нивоа, кои нагласија дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид, злосторства против човештвото и други воени злосторства, додека Алија Изетбеговиќ беше водач на војската која се бранеше од агресија. Реагираа и бројни невладини организации, меѓу кои и оние кои се занимаваат со човекови права и образование, изразувајќи загриженост и нагласувајќи дека изедначувањето на Изетбеговиќ и Младиќ е неправедно и може дополнително да го поларизира општеството.
Реакцијата стигна и од СНСД на Додик, од устата на првиот потпретседател на Домот на народите на Парламентот на БиХ, Никола Шпириќ, кој во согласност со партискиот став за самото постоење на Шмит, рече дека европскиот пат на БиХ е во судир со постоењето на институцијата висок претставник. „Тоа денеска го потврди Кристијан Шмит, приватно лице кое се обидува да носи одлуки во име на сите парламенти во БиХ, а неговото огласување е уште една претстава и театар на отворено. Неговото обраќање нема да промени ништо во однос на Република Српска, но ќе промени во рамките на БиХ и нејзиниот европски пат. Со оглед на тоа што тој одлучи да избере кој од 14-те приоритети за пристапување на БиХ во ЕУ ќе се спроведува, го повикувам да ги спроведе сите 14 и до крајот да го обесмисли постоењето на институциите во БиХ“, рече Шпириќ.
Настрана што реакцијата на Шпириќ има повеќе врска со потребата на СНСД секогаш и секаде да ја нагласува неможноста за постигнување договор во БиХ како конечна потврда за неможноста за опстанок на самата држава, наместо со вистинска желба за напредок во решавањето на постојаната политичка криза, факт е дека мандатот на Шмит се карактеризира со постојани конфликти и несогласувања. Без разлика на неговите намери, високиот претставник моментално е во позиција од која е речиси невозможно да им се угоди на сите страни и од која создава повеќе проблеми отколку што решава. Исто како слон во продавница за стакло.
(Елдин Хаџовиќ е босанско-херцеговски новинар. Текстот е преземен од хрватскиот магазин „Новости“.)