Го потценивме коронавирусот: Искрено интервју со тенорот Благој Нацоски


Почина некој што добро го познавав, што значи на некој начин проблемот го „допрев“ од блиску и сфатив дека е многу сериозен

 

Неговиот видео апел од домот во Италија до македонската влада и јавност  да се сфати сериозно ситуацијата со коронавирусот и веднаш да се прогласи вонредна состојба стана вирален хит на социјалните мрежи. Благој Нацоски (40) почитуван тенор и најафирмираниот македонски оперски пејач во светот, кој од 2008 е македонски амбасадор на културата во Италија, сега ја дели судбината на другите сограѓани во оваа европска земја и во Џенова ги поминува деновите во самоизолација.

За nezavisen.mk, Нацоски проговори и за атмосферата во Италија која има најмногу заразени во Европа и како италијанската влада се справува со драматичната ситуација.

Колку години живеете и работите во Италија ?

-Последниве 8 години од моите досега 22 поминати во Италија живеам во Џенова, што значи 150 -тина километри од Милано и далеку од огништето на КОВИД19.

Која беше причината за драматичното видео за македонската јавност?

-Причината беше што целиот свет, освен Кина се разбира, го потцени проблемот со коронавирусот и она што досега се случи во Италија ќе се случи и во сите останати земји. Дури во последните денови повеќето земји почнаа да превземаат драстични мерки, така што сметам дека и во Македонија подобро е да се делува превентивно отколку да дојдеме до 1000 ако не и повеќе случаи на заразени со овој нов вирус. Друга причина беше и фактот што почина некој што добро го познавав, што значи на некој начин проблемот го „допрев“ од блиску и сфатив дека е многу сериозен. Од пред некој ден пак почна да се шири силно и кај помладата популација, кај обично здрави луѓе и тоа е веќе аларм дека треба многу сериозно и совесно да се сфати работата. Други причини се штo вирусот е стопроцентно демократичен и не поштедува никого, а истовремено во денешницата тешко е да се спречи да не се рашири насекаде. Јас сум сигурен дека оние земји кои велат дека немаат ниеден заразен лажат.

Како ги поминувате деновите во самоизолација?

-Засега не е толку трагично, живеам во палата од 13ти век и навистина мојот дом е пријатно место за престој. Читам, пејам, слушам музика, готвам итн.

Дали воопшто не излегувате или…?

-Излегувам само кога треба да набавам храна и заради потребите на моето куче, но на пример и во супермаркет одам со моето куче така што спојувам две излегувања во едно.

Дали дома вежбате?

-Даааааа, се разбира. Секој ден добивам инструкции од мојот тренер по Кросфит што да вежбам.

Дали сте во комуникација со другите уметници, твои пријатели?

-Во постојана комуникација со многу мои колеги и пријатели од насекаде, од цела Италија, од Виена, од Шпанија, од Токио, од Истанбул, од Малме, од Швајцарија, од САД, од Бразил итн.

Каква е атмосферата во Италија, оптимистичка или панична?

-Проценките се дека доколку секој строго се придржува кон мерките, до крајот на април би требало целата ситуација да стивне. За некој ден се очекува вирусот да ја достигне својата кулминација и потоа да почне да опаѓа. Тоа се само проценки за сега, се надевам ќе биде така. Генерално атмосферата е реалистичка, се разбира има исклучоци каде некои се премногу оптимисти и лежерно го сфаќаат проблемот, за среќа многу мал број, додека паниката помина, постоеше и таа фаза на почетокот.

Дали се почитуваат мерките во Италија?

-Се почитува но треба уште повеќе според мене. Како што реков пред малку, некои премногу оптимистички го сфаќаат проблемот и излегуваат и без причина од дома. Во градот каде живеам на пример вчера беа поднесени 5.000 кривични тужби за непочитување на изолацијата (инаку е кривично дело). Тоа што е интересно е што повеќето од непочитувачите се од постарата генерација, младите некако посериозно го сфаќаат проблемот. Но сепак мнозинството од населението ги почитува мерките.

Модниот свет донира за болниците, општествената одговорност во Италија е на високо ниво . Што се се презема за спречување на ширењето на заразата?

-Па освен оние хигиенски мерки кои се секаде веќе познати по целиот свет, најбитно е да се нема контакти со луѓе, односно ако веќе се мора, тоа да биде на растојание, никако поздравување, допирање или слично.

Како Италија отпочеток се справуваше со ситуацијата?

– Италијанците почнаа први масовно да тестираат во Европа. Инаку првиот случај во Европа е Германец. Во другите земји тестирањата за КОВИД19 беа минимални, симптомите ги третираа како на обичен грип или настинка, додека италијанците имаа друг пристап, тестираа што повеќе луѓе. Инаку првиот пациент во Италија, 38-годишен дечко од малото место Кодоњо во регионот Ломбардија, неколку пати одел на испитувања во болница и не можеле да сфатат што е проблемот, дури на крајот се сетиле да му направат тест за КОВИД19 но веќе било доцна, односно при секое негово одење во болница тој заразувал доктори и други луѓе, а работејќи се за бизнисмен, ги заразил и сите негови клиенти. Е сега, од кого го фатил пак тој вирусот сѐ уште е мистерија.

Кои се следните чекори, по самоизолацијата?

-Се надевам нема да има потреба од други чекори, а не би знаел ни што повеќе од ова.

Одржувате ли контакти со семејството во Македонија?

-Да се разбира, по неколку пати во денот.

Кои настапи ги одложивте заради коронавирусот?

-За жал, ми се одложија голем број на претстави и концерти, би рекол дваесетина. Претпоставувам и дека концертот закажан во Скопје на 24 април ќе биде откажан, но ќе видиме.

Може ли во ваква ситуација да се размислува за следните настапи или…?

-Па мислам дека до мај нема да може да се настапува. Во јуни ми следува голема турнеја во Јапонија, засега Јапонците велат дека ќе се одржи, ќе видиме.

Л. Сабит

Фото: Приватна архива