Го извршил убиството во Гостивар, па се облекол како пожарникар


Основното јавно обвинителство излезе со детали по денешното убиство во Гостивар. Осомничен е 46-годишен гостиварец, нему му е поднесена кривична пријава, издадени се наредби за прибирање на траги од лице место и нивно вештачење, фотографирање и скицирање на местото на настанот.

„Настанот се случил утринава околу четири часот, во станот на улицата ‘Илинденска’ во Гостивар. Осомничениот, поради нерасчистени должничко доверителски односи, влегол во станот на оштетените каде ги затекнал сопругата на оштетениот и нејзината мајка. Со употреба на нож првин ја нападнал 78-годишната старица, а потоа и на оштетената и задал повеќе убодни рани. При излегување од станот го сретнал и го нападнал и оштетениот, по што избегал. Во својот дом тој ја фрлил облеката што ја носел и облекол пожарникарска униформа. Од страна на единицата при Министерството за внатрешни работи по неколку часа бил пронајден и лишен од слобода. Оштетените се пренесени во болница каде старицата починала од зададените убодни рани, а брачниот пар е надвор од животна опасност и по лекарските интервенции се задржани на болничко лекување. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата 78 годишна жена е предадено на обдукција“, соопштуваат од Обвинителството.

За осомничениот убиец е побаран притвор. Oбвинителството продолжува со дејствија во насока на расчистување на случајот.​