Го истури ѓубрето пред „Дрисла“ па Орце Ѓорѓиевски доби казна од 90.000 евра


 

Инаетливата одлука на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, да го исфрли ѓубрето во напнатата вечер во неделата, ќе ги чини 90.000 евра. Тоа е казната во денарска противредност за општина Кисела Вода и Ѓорѓиевски.

Таква казна одредила градобачалничката на Скопје, Данела Арсовска, откако во „Дрисла“ не дозволија камионите со смет да влезат на депонијата, по што градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром одлучија да го истурат ѓубрето пред влезот за да можат да продолжат со чистење.

Од „Дрисла“ не објаснуваат зошто не дозволија камионите да влезат иако градоначалниците рекоа дека ќе платат за депонирањето на ѓубрето. Во кусо соопштение обвинија дека e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина.

„Ниту Општина Аеродром, ниту Општина Кисела Вода немаат потпишан договор со ‘Дрисла‘, бидејќи тој им е истечен во март месец. Се поставува прашањето каде го фрлале сметот овие две Општини во изминатите месеци ако немаат договори? Дали креирале и колку диви депонии креирале“, се вели во соопштението од „Дрисла.

Општина Кисела Вода во текот на утрешниот ден ќе даде подетално објаснување за случајот.