„Гнездо“ и „Интермецо“ казнети за бучава
Кафулињата „Гнездо“ и „Интермецо“ во Центар, предизвикувале бучава поголема од дозволеното, па Општина Центар им издаде Решение за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина.
Секторот за инспекциски работи на Општина Центар продолжува со контролите на гласноста во угостителските објекти во Општина Центар.
Овластените општински инспектори за животна средина, заедно со одговорните лица од овластената лабораторија за мерење на бучава, со која Општина Центар има склучено договор, овие денови се повторно на терен.
По извршените мерења во одредени локали, инспекторите констатираа повисоки вредности од максимално дозволените гранични во ноќен период, по 23 часот, а уште два локали, „Гнездо“ и „Интермецо“, добија Решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина. По добивањето на Решенијата, угостителите имаат законски рок од 8 дена да постапат по нив.
Изминатата седмица општинските инспектори издадоа две Решенија за преземање на мерки за намалување на бучавата на два угостителски објекти, „Мош“ и „Макка“, а засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови, во сите делови од општината.
Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во Општина Центар, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина. Во спротивно, за сите измерени надминувања на граничните вредности на бучава, ќе се преземат законски пропишаните мерки и на угостителските објекти ќе им бидат изречени поригорозни казни, во согласност со Законот за заштита од бучава во животна средина.