Гневот врз премиерот, ДУИ без гребнатинка


Веројатно, свесен за ризикот што го презема, премиерот Зоран Заев реши да се коцка прифаќајќи го во ротација во својот владин состав незаменливиот Садула Дураки, за премиерен министер во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секако, на предлог на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој како намерно да го турка премиерот на политичката зелена чоја.

Изборот на Дураки предизвикаа остри реакции во јавноста, со оглед на неговите успеси и видливост во ресорот екологија, кој практично во овие две години го води неговиот заменик Јани Макрадули. Затоа и очекувањата на демократската јавност беа дека тој ќе добие црвен картон, а не да биде прекомандуван.

Оттука, не изненадуваат написите во албанските медиуми, интересно и во оние кои важат за поблиски до ДУИ, во кои се нагласува „Заев клекна пред Ахмети“, алудирајќи на тоа дека „интегративците“, практично, не принесоа сериозна жртва на олтарот на „метлата“.

Перцепцијата во јавноста дека меѓу владините коалициски партнери нема соработка во изборот на кадрите темелена на сериозна аргументација полека станува вистина впишана во камен. И таа реалност неминовно ја рони довербата во Владата.

„Сега станува очигледно дека на премиерот Зоран Заев му е сеедно кој ќе биде министер од Албанците што ќе ги регрутира Али Ахмети. Тие и онака него не го слушаат ниту мора да дојдат на работа“, коментира ексминистерот за финансии Џевдед Хајредини.

Но зборовите на Хајредини не се новина. Ако се навратиме малку наназад, може да се заклучи дека станува збор за традиција. Дураки, кој има блескаво портфолио исполнето со различни функции (заменик-директор на Царинската управа, преку директор на Агенцијата за развој и инвестиции, пратеник, сè до градоначалник на Липково во два мандата), беше и министер за земјоделство во владата на Владо Бучковски, во периодот 2004-2006 година.

Откако му зовре од квалитетот и амбициозноста на Дураки, кој не се појави за да одбрани барем еден закон во Собранието, Бучковски влезе во отворен конфликт порачувајќи му дека македонското земјоделство нема стратегија каде оди и што треба да прави и затоа потребно е државата јасно да каже со кои конкретни мерки ќе им помогне. Ни мерки ни бутур.

На еден таков развој на настаните, Бучковски, според зборовите на долгогодишниот прв човек на Фондацијата „Отворено општество“, Владимир Милчин, бил навремено предупреден.

„Кога Бучковски го предложи Садула Дураку алијас Командант Вентили за министер за земјоделство во централниот одбор на СДСМ јас гласав против и си поднесов оставка. И мислам дека бев прав. Во ситуација кога една од партиите во коалицијата предлага листа без да се аргументира кои се тие квалитети со кои некој заслужува да биде министер, јас тоа не би го прифатил. Не тој, дај ми друг, дај ми биографија, дај да видам што направил“, изјави минатата година Милчин.

Но едно мисли пошироката јавност, друго вицепремиерот Бујар Османи. Тој вчера цврсто застана во одбрана на Дураки, кој е еден од компромитираните функционери на ДУИ во т. н. „бомби“ на Ел Чека. За него Дураки е вистински човек на вистинско место.

„Од петте министри на ДУИ во новиот состав, четворица се млади кадри под 40 години, сите школувани во европските држави. Дураки е искусен политичар кој е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ чија улога е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во министерство за политички систем, а имајќи предвид дека е дел од учесниците на подготвување на Рамковниот договор, нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот договор“, кажа Османи на прес-конференцијата со унгарскиот шеф на дипломатијата на новинарско прашање зошто Дураки и покрај лошите резултати во Министерството за животна средина добива нова позиција во Владата.

Тој, исто така, наведе дека ДУИ направила интересен мозаик на искуство и младост, кој испорачува резултат.

Дураки, кој досега има водено два владини ресора е исправен пред предизвикот „трета среќа“. Но изборот да го води токму Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, според политичките аналитичари, е несреќен и од гледна точка на тоа дека фрла дамка на целата идеја за „Едно општество за сите“.

Тие потсетуваат на една од многуте неславни епизоди на Дураки, кој на средба на неговата партија со жители на Студеничани пред референдумското изјаснување за договорот со Грција минатиот септември остро ги нападна Албанците кои членуваат во СДСМ. Тој им порача, пред сè, на Албанците кои добиле некаква функција преку членувањето во СДСМ „да не се прават едно со противникот“.

„Заради таквите политики во комунизмот, и во оваа сала беа комунистите Македонци и Албанци, со таквите политики ги газеа Албанците“, порача Дураки.

По серијата критики во јавноста, тој доби одговор и од Хади Османи, координатор за меѓуетнички односи на СДСМ за Липково и за Куманово. Тој меѓу другото го праша: „Зошто можеме да имаме заедничка влада, а да не може заедничка партија? Почитуван министер, работиме на изградба на Македонија, држава и заедничко општество за сите“.

Наум Котевски