Гневна реакција на новинарите во Грција по обидот владата да ги замолчи

Портпаролот на владата неосновано ја обвини дописничката на „Политико“, која пишуваше за шпионскиот скандал за прислушување, дека била блиска со партијата Сириза


Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис

 

Здружението на странски дописници (ФПА) во Грција испрати остро писмо до грчката влада по обидот на нејзиниот портпарол јавно да дискредитира еден негов член дека во своите извештаи за „Политико“ бил пристрасен кон главната опозициска партија. Претседателката на Здружението странски дописници  –новинарката Нектарија Стамули – беше обвинета од владата на Нова демократија за време на скандалот со шпионски софтвер дека е поврзана со Сириза, иако таа не е.

Претходно новинарот Александар Клап напиша извонредна колумна во „Њујорк тајмс“ за недостатокот на слобода на медиумите во Грција.

Стамули напиша одличен текст во „Политико“ зошто Грција го има најлошото досие за слободата на печатот во Европската унија, а придонесе во друг текст на Сузан Линч исто во „Политико“, кој наиде на гнев во грчките владини кругови.

Портпаролот на Владата, Јанис Оиконому, рече дека текстот е „апсолутно неточен“, иако е поткрепен со рејтингот на групите за слобода на медиумите и дека Европскиот парламент, исто така, сака истрага за прислушувањето и користењето шпионски софтвер за следење на најмалку еден грчки новинар.

Оиконому потоа рече дека текстот, во очигледна референца за Стамули, која не беше именувана, но добро позната во грчката репортерска заедница, го напишала „новинарка позната по нејзините односи со Сириза“, објави „Катимерини“.

Написот кој ја вознемири владата токму кога парламентарната комисија ќе одлучува дали ќе го истражи прислушувањето телефони на новинарот Танасис Кукакис и лидерот на социјалистите на Пасок, Никос Андрулакис, се однесуваше на писмениот одговор на постојаниот претставник на Грција во ЕУ до Генералниот директорат за правда и потрошувачи на Европската комисијата за употреба на шпионскиот софтвер „Предатор“.

ФПА рече дека смета оти е „несоодветно министер во земја на ЕУ, а особено одговорниот за медиумите и печатот, јавно да таргетира и професионално да дискредитира новинар“.

„Нектарија Стамули, во однос на новинарската етика, никогаш не била член на ниту една партија, ниту пак работела за некоја владина агенција“, велат од ФПА.

Во посебна изјава, „Политико“ рече дека „застанува на точноста и интегритетот на новинарството на Нектарија Стамули“.

„Стамули е високо ценет соработник на ‘Политико’. Таа започна да работи со нас во 2019 година, по повеќе од седум години известување за ‘Волтрит џорнал’. Го разгледавме писмото од постојаниот претставник на Грција во ЕУ, Јоанис Врајлас и сме задоволни што цитатите на Стамули од него во … Brussels Playbook се целосно точни“, вели медиумот.

Здружението на странските дописници додаде дека Стамули ја почитува новинарската етика и дека никогаш не била член на ниту една политичка партија или владина агенција. Затоа, ФПА очекува Оиконому „јавно да ја признае својата грешка“ и да го повлече своето „лично таргетирање“ на Стамули.

Кон крајот на јули во Грција избувна политички скандал во врска со прислушувањето од страна на шпионскиот софтвер „Предатор“ на мобилниот телефон на Никос Андрулакис, лидерот на Пасок и следењето на новинарот Танасис Кукакис. Генералниот секретар на грчкиот премиер Григорис Димитријадис и шефот на Националната разузнавачка служба Панајотис Контолеон беа разрешени поради скандалот. Грчките медиуми го нарекоа случајот „Киријакос-гејт “ и „грчки Вотергејт“ по аналогија со премиерот Киријакос Мицотакис и познатиот политички скандал од 1972-1974 година, кој заврши со оставка на американскиот претседател Ричард Никсон. (Според агенциите)