Гнев во Грција: владините функционери примија вакцини пред лекарите


Премиерот Киријакос Мицотакис беше меѓу првите што ја прими вакцината за да го охрабри грчкото население  (Фото: АФП)

Јавноста и опозицијата критикуваат зошто над 100 министри, генерални секретари и други функционери биле вакцинирани во првиот бран

 

АТИНА – Грчката влада се соочува со реакција од лекарите и опозициските партии откако десетици високи владини претставници примија вакцина против корона вирусот пред повеќето здравствени работници.

Во владиниот план за вакцинирање објавен минатата недела се вели дека „приоритетниот персонал кој е критичен за владините функции“ ќе биде вклучен во првата приоритетна група за добивање на вакцината, заедно со лекарите, медицинските сестри и оние што живеат во старски домови. Владата објави првичен список со 45 службеници кои би биле вклучени во оваа група, вклучувајќи министри од кабинетот, генерални секретари, шефови на здравствени агенции и водачи на грчките вооружени сили.

Сите овие службеници и уште неколкумина се меѓу 471 лице што веќе ја добиле вакцината на „Фајзер/БиоНТех“ од неделата кога започна програмата, од кои многумина се релативно млади, во 50-тите години од животот. Во вторникот, портпаролот на владата Стелиос Пецас рече дека на приоритетната листа на крајот ќе бидат 126 владини претставници, кои ќе бидат вакцинирани до крајот на јануари.

„До крајот на јануари ќе добиеме 429.000 дози и околу 215.000 наши сограѓани ќе бидат вакцинирани“, рече Пецас. „Меѓу нив има 126 лица во првата линија на фронтот, апсолутно клучни за функционирањето на владата“.

Оваа изјава предизвика критики од лекарите и политичарите од опозициската партија.

Д-р Панајотис Папаниколау, секретар на Федерацијата на здруженија на болнички лекари од Грција, критикуваше како во болницата „Сотирија“ – за која рече дека требаше да биде водечка болница во земјата во борбата против корона вирусот – закажаните вакцини за десетици здравствени работници беа одложени.

„На нивно место вакцинирани се еднаков број министри. СРАМОТА“, напиша Папаниколау на Твитер.

Менаџерот на болницата „Сотирија“, Сократис Мицијадис, во изјавата рече дека 56 нејзини здравствени работници биле вакцинирани во вторникот од 61 закажани.

„Поради грешка во планирањето, тие петмина ќе бидат вакцинирани утре и процесот ќе продолжи нормално“, рече Мицијадис.

Алексис Ципрас, поранешниот премиер и лидер на најголемата опозициска партија Сириза, експлодира на Фејсбук како „министрите и генералните секретари се редеа за селфи со вакцината, во време кога нема доволно дури и за лекари и медицински сестри на првата линија на фронтот и додека граѓаните мора да почекаат до крајот на летото за да им дојде редот да се вакцинираат“. Тој додаде: „Ова не е симболичен гест, туку тоа се политички услуги“.

Висок владин службеник рече дека одлуката да им се даде приоритет на овие службеници е направена со апсолутна транспарентност и ќе биде објавен нов список со сите службеници кои ќе бидат вакцинирани до крајот на месецот.

„Не сакам да гледам млади како се вакцинираат колку и да се високо на владини или научни позиции“, рече Елиас Мосијалос, професор по здравствена политика на Лондонската школа за економија, кој е назначен за претставник на Грција во меѓународните разговори за справување со корона вирусот, рече на локална телевизија. „Треба да им ги дадеме вакцините на ранливите групи, кои имаат поголема веројатност да бидат хоспитализирани ако се разболат“.

Грција прими околу 9.750 вакцини во саботата, а програмата започна во неделата со вакцинирање на медицинска сестра, жител на дом за стари лица, претседателката Катерина Сакеларопулу и премиерот Кирјакос Мицотакис.

Досега само едно лице има развиено мала алергиска реакција, според високиот службеник во Министерството за здравство, Мариос Темистоклеус.

Сите лидери на опозициските партии или веќе ја примиле или ќе ја примат вакцината во наредните денови во обид да ја покажат својата поддршка за кампањата за свесност за вакцинација. Само Киријакос Велопулос, лидер на помалата опозициска партија Грчко решение, одби да биде вакциниран, велејќи дека не сака да стане „морско прасе“.

Втората пратка од 83.850 дози на вакцините за Ковид-19 пристигна во Атина во вторникот наутро. (Политико)