Генчовска отиде во опожарениот бугарски клуб во Битола


Теодора Генчовска пред бугарскиот клуб во Битола

 

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која допатува во земјава  во дводневна посета и разговори со македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, околу пладне беше во Битола за да види какви се штетите од опожарувањето на влезот на култруниот клуб „Ванчо Мијахлов“. 

Таму неа ја пречека бугарскиот конзул во Битола Димитар Иванов и домаќините на клубот. Генчовска се распрашуваше како се случил инцидентот и какви се последиците од опожарувањето. 

Во најавата за нејзината посета на Скопје немаше многу детали, освен фактот дека посетата е иницирана од Османи и дека целта на разговорите е продолжување на дијалогот за отворените билатерални прашања меѓу двете земји.

Од Софија веднаш се јави потпретседателската на Бугарија, Илијана Јотова, која на Фејсбук напиша дека овој инцидент бил уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања што, според неа, започнала веднаш по отворањето на клубот.

„Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности“, напиша Јотова.