Глумци, пејачи, археолози, библиотекари… со последно предупредување пред штрајк

Стотици културни работници од сите национални установи од земјава, предводени од Синдикатот на културата (СКРМ), маршираа со последно предупредувачко барање да се донесе Колективен договор. Доколку не се испочитува нивното барање, ќе има штрајк.
Претседателката на Синдикатот и актерка од Драмскиот театар, Сања Арсовска, на стартната точка во паркот „Ибни Пајко“, порача:
„Излеговме да маршираме за најважната работа за нас како вработени во културните уметнички институции, а е Колективниот договор и го бараме сега!“


Толпата придружувана со музика се упати кон Владата, каде што ја изведоа аријата на Хорот на Евреите од „Набуко“.
Цели 15 години постоечкиот Колективен договор не се спроведува, а додека се чека новиот закон за јавен интерес во културата, културните работници бараат нов колективен договор кој ќе стапи во сила од 1 јануари 2020 година.
Министерството за култура беше крајната дестинација на маршот, а таму ги повторија своите барања и порачаа дека надлежното министерство е само сервис за нивните барања.


– Единствената земја каде што има разлики во платите во дејностите. Каде што се измислуваат работни места по нарачка, каде што нема основни услови за работа, каде што не се исплаќаат унапредувања, службени и теренски дневници и други надоместоци загарантирани со Законот за работни односи. Одговорот на прашањето зошто ова е заеднички успех на сите министри за култура од 2005 година наваму лежи во фактот што во ова министерство работат бирократи што сметаат дека тие се културата, а ние плебсот од институциите кој не е вреден за внимание – порача Гоце Павловски, претседател на синдикалната организација на НУ „Стоби“.
Тој додаде дека 15 години деспотски и субјективно по налог се одлучува кому да му се покачи платата, кој додаток да се скрати.


– Овие господа гласно ги потсетуваме дека министерството е само сервис на институциите и вработените во културата. Тоа го кажа и министерот за култура во својата прва изјава. Ние, вработените во културата, сме тие што кажуваат што е потребно во нашите професии, ние поставуваме барања на нашите работни места, а вие наоѓате начин како тоа да се реализира. Замислете, нашите барања се скромни, ние само бараме да нѝ се почитуваат сите права загарантирани со Законот за работни односи и Колективниот договор за јавен сектор. Ние бараме да прекине феудалниот однос на министерството и понижувањето на уметниците, стручните лица и другите вработени – додаде Павловски во својот говор.
Претставници од сите национални установи низ земјава порачаа – „Колективен договор сега“.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски