Глобалната економија е „помалку ужасна“, но долго ќе закрепнува, вели директорката на ММФ

Глобалната економија изгледа „помалку ужасно“ отколку во јуни и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе направи „мала“ ревизија нагоре во прогнозата за глобалниот раст за 2020 година, изјави во вторникот директорката на ММФ Кристалина Георгиева.

Георгиева, во обраќањето на настанот на Лондонската школа за економија (London School of Economics), рече: „Мојата клучна порака е следната: Глобалната економија се враќа од длабочините на оваа криза“.

„Но, оваа несреќа е далеку готова. Сите земји сега се соочуваат со она што јас би го нарекла ‘долгото искачување’ – тешко искачување што ќе биде долго, нерамномерно и неизвесно. И склоно кон назадувања”, додаде таа во говорот што беше најавен како нејзино кревање на завесата во пресрет на годишните состаноци на ММФ и Светска банка следната недела, јави Ројтерс.

ММФ во јуни прогнозираше дека затворањето на економиите поради на корона вирусот ќе го намали глобалниот бруто домашен производ (БДП) за 4,9 отсто, што претставува најголема контракција од Големата депресија во 1930-тите и повика на поголема поддршка од владите и централните банки.

ММФ ќе ги објави своите ревидирани прогнози следната недела, кога земјите-членки ќе земат учество на годишни состаноци што се одржуваат во голема мера во онлајн формат.

Георгиева рече дека ММФ продолжува да проектира „делумно и нееднакво“ закрепнување во 2021 година. Во јуни, ММФ прогнозираше глобален раст во 2021 година од 5,4 отсто.

Но, фискална поддршка од 12 билиони долари, заедно со невидено монетарно олеснување, им овозможи на многу напредни економии, вклучувајќи ги Соединетите држави и еврозоната, да избегнат најголема штета и да започнат да закрепнуваат, рече Георгиева. Кина закрепна побрзо отколку што се очекуваше.

Пазарите во развој и земјите со ниски примања се соочуваат со несигурна состојба со слаби здравствени системи, висок надворешен долг и зависност од сектори кои се најмногу изложени на пандемијата, како што се туризмот и стоките, како и високиот надворешен долг, рече таа.

„Во земјите со ниски примања, шоковите се толку длабоки што се соочуваме со ризик од ‘изгубена генерација’“, рече Георгиева, сигнализирајќи дека ММФ и Светска банка следната недела ќе се заложат за поголемо олеснување на долгот за земјите со ниски доходи.

„Во некои случаи, ќе биде неопходна глобална координација за преструктуирање на државниот долг, со целосно учество на јавни и приватни доверители“, додаде Георгиева.