Глоба од 50.000 евра за САСА, 15.000 евра за одговорното лице

Сѐ додека е безбедно, ние планираме да продолжиме да работиме, велат од раководството на рудникот

Рудникот САСА ќе плати глоба и ќе спроведе девет мерки по истекот на јаловишен материјал во Каменичка Река на 14-ти овој месец. Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека откако е направен увид и констатиран прекршокот водостопанскиот инспектор на Државниот инспекторат за животна средина предложи постапка за посредување, а правниот субјект Рудник САСА и Државниот инспекторат за животна средина склучија спогодба за плаќање глоба со задолжување за спроведување  девет мерки, со посредство на Комисијата за спогодување на Министерството за животна средина и просторно планирање.

За правното лице Рудник САСА е изречена глоба во висина од 50.000 евра, а за одговорното лице глоба во висина од 15.000 евра во денарска противвредност.

Имено, како што посочуваат од МЖСПП, за сторениот прекршок, согласно оваа спогодба Рудникот САСА е задолжен: да ги исчисти деловите од речното корито на река Каменица од јаловишен материјал и истиот да го однесе на депонијата за јаловиште со која располага рудникот, врз основа на претходно обезбедена согласност, дозвола од МЖСПП, да се изврши интервентно чистење на талогот на јаловината од бунарската зона на Каменица со цел да се спречи понатамошно загадување на подземните води со кои се снабдуваат бунарите за водоснабдување на дел од населението од општина Македонска Каменица, а потоа да се продолжи со чистење на речното корито на реката, да го исчисти зафатот од талогот на мала хидроелектрана која е под јаловиште бр. 4 со цел ставање во функција на зафатот на вода за производство на електрична енергија, да го стабилизира објектот јаловишна брана бр.4 и однесениот материјал јаловишен песок да го замени со соодветен материјал со исти или повисоки јакосни карактеристики. Санацијата на јаловишната брана да биде според техничко решение изработено од Рудник САСА на основа на документација обезбедена согласно закон,

Меѓу деветте барања се и да се отстрани геосинтетичката облога во делот на конктактите каде потпира хидројаловипшната брана бр.4 за да не дојде до недозволена контактна филтарација, да се предвидат дополнителни мерки за оперирање со хидројаловиштето пред се зголемување на должината на плажата од јаловишна кал со кое ќе се минимизира можноста од повторна контактна филтрација, да се предвиди времено решение доколку има испуштање на заматена вода низ преливен колектор поради сигурност на браната при што заматената вода да биде задржана во постоен резервоар и со пумпна станица да биде вратена во технолошкиот процес, како и да се постапи согласно член 198 од Законот за води т.е. според препораките од Годишниот извештај за анализа и стабилност на брани изработен со елаборат за анализа и стабилност на брана за 2019 г, кој треба да биде одобрен согласно член 195 од Законот за води..