Главниот советник на Борис Џонсон под оган – патувал 400 километри во време на карантинот


Доминик Камингс беше главниот архитект на кампањата за „Брегзит“ (Фото: Ројтерс)

Премиерот ги отфрли повиците да го отпушти Доминик Камингс иако ги прекршил правилата кои тој ги воведе

 

Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон ги отфрли повиците во саботата од опозициските партии да го отпушти високиот советник Доминик Камингс, откако тој патувал 400 км до северна Англија кога неговата сопруга покажала симптоми на Ковид-19.

Камингс, кој ја водеше кампањата во 2016 година за напуштање на Европската унија за време на референдумот за „Брегзит“, отпатува за Дурам на крајот на март, кога веќе беше воспоставена строга блокада.

Од канцеларијата на Џонсон соопштија дека Камингс патувал за неговиот 4-годишен син да биде соодветно згрижен, бидејќи неговата сопруга била болна од Ковид-19 и постоела „голема веројатност“ дека Камингс самиот нема да биде добро.

„Се однесував разумно и правно“, им рече на Камингс на новинарите пред неговата куќа, откако им рече да останат на два метри оддалеченост во согласност со упатствата на владата.

На прашањето на новинарите дали ќе  ја разгледа својата позиција, тој одговори:  „Очигледно не“.

Министрите изразија поддршка за советникот.

„Можам да ви кажам дека премиерот му дава целосна поддршка на Камингс“, им рече секретарот за транспорт Грант Шапс на новинарите, додавајќи дека тој не знае кога премиерот дознал за патувањето.

Даунинг стрит рече дека „активностите на Камингс биле во согласност со упатствата за корона вирусот“.

Весниците „Гардијан“ и „Мирор“, кои први ја објавија приказната, подоцна во саботата објавија дека Камингс можеби имал второ патување во северна Англија за време на заклучувањето. Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди овие извештаи.

Но, опозициските партии го повикаа Џонсон да го отпушти Камингс и лабуристите го повикаа највисокиот државен службеник во земјата, Марк Седвил, да отвори истрага за патувањето.

„Британските граѓани не очекуваат да има едно правило за нив и друго правило за највисокиот советник на премиерот“, соопштија лабуристите.

Само неколку дена пред патувањето на Камингс, Џонсон воведе блокада во Велика Британија и ги замоли луѓето да останат дома. Тој на 23 март рече дека луѓето „не треба да се среќаваат со членовите на семејството кои не живеат во вашиот дом“.

Набргу откако Џонсон објави дека се тестирал позитивно за Ковид-19, Камингс истрча од Даунинг стрит на 27 март и разви симптоми за време на викендот 28-29 март.

Владините упатства велат дека оние кои имаат Ковид-19 или се сомневаат дека го имаат, треба да се изолираат најмалку седум дена заедно со своето домаќинство и да не ја напуштаат својата куќа од која било причина.

Шкотиската национална партија и либералдемократите, исто така, повикаа Камингс да биде отпуштен.

Другите истакнати личности си поднесоа оставки по кршењето на правилата за заклучување.

Епидемиологот Нил Фергусон се повлече од член на научната советодавна група на владата, откако беше посетен дома од неговата девојка. Главниот медицински офицер на Шкотска, Кетрин Калдервуд, се повлече откако беше фатена како направила две патувања во нејзиниот втор дом. (Ројтерс)