Главниот рабин во Москва даде оставка поради војната во Украина
Главниот рабин во Москва потврди дека ја напуштил Русија и се повлече од функцијата, велејќи дека ако продолжи во тоа би ја загрозил московската еврејска заедница.
Пинкас Голдсмит, кој исто така ја предводи Конференцијата на европските рабини, објави изјава во која вели:
„Како што се одвиваше страшната војна против Украина во последните неколку месеци, не можев да молчам, гледајќи толку многу човечки страдања, отидов да им помогнам на бегалците во Источна Европа и зборував против војната. Како што одминуваше времето, и покрај тоа што минатиот месец ме реизбраа на позицијата главен рабин, стана јасно дека еврејската заедница во Москва ќе биде загрозена со моето останување на мојата позиција“.
Голдсмит ја презеде улогата пред 33 години, а во својата изјава тој и неговата сопруга велат дека се благодарни што имале улога во „историската ренесанса на руското еврејство“ по распадот на Советскиот Сојуз. Тој рече: „Дадовме сѐ од себе да ја водиме и да ја изградиме заедницата низ бурните 1990-ти и во сè поавторитарната Русија под актуелниот претседател“.
Тој потврди дека ќе ја продолжи својата улога како претседател на Конференцијата на европските рабини, велејќи: „Ќе продолжам да им служам на рабините и заедниците во Европа, вклучително и на заедницата во Москва, до најдоброто од моите способности“.