Главниот американски епидемиолог: Вакцината може да го направи вирусот уште полош


Директорот на Националниот институт за заразни болести, Ентони Фаучи изјави дека амерканските компании денес работат на најмалку осум вакцини.

Според Фаучи, ако сè биде добро, веќе кон крајот на есента или почетокот на зимата би можело да се знае дали тие вакцини против Ковид-19 се успешни, или не.

„Националниот институт за здравје работи многу брзо, развиваме најмалку осум вакцини и очекуваме повеќе резултати“, изјави доктор Фаучи кој предупреди на можни негативни последици на вакцината, со што би можеле да бидат зголемени последиците од вирусот.

Главниот американски епидемиолог, кој веќе со децении е прв човек на споменатиот институт, потсети дека во јануари проценките биле дека за развој на вакцина се потребни дури 18 месеци.

Според неговите зборови, на 14-ти февруари официјално започнала работата околу развојот на вакцината и 62 дена подоцна настапила првата фаза, односно фаза на испитување со две дози кои ги примаат доброволци. Во следните неколку седмици ќе следува втората и третата фаза каде што ќе има и тестирања на животни.

„Ако сме успешни, се надеваме дека тоа ќе го знаеме оваа есен или зима. Имаме многу кандидати и се надеваме на различни резултати. Тоа ќе биде добро доколку имаме повеќе од еден успешен кандидат за вакцина“, изјави Фаучи.

Фаучи за време на своето обраќање пред Конгресот преку видео конференција од својот дом, каде што е во самоизолација поради контакт со заразено лице од Белата куќа, исто така ги предупреди Американците на опасноста од избрзани тестирања.

„Морам да предупредам дека постои можност и од негативни последици, каде што одредени вакцини всушност можат да го зголемат негативниот ефект на инфекцијата“, изјави американскиот епидемиолог.