Главната вечер на фестивалот „Таксират“ ќе се одржи вечерва во арената „Борис Трајковски“


 Во Арената „Борис Трајковски“ вечерва ќе се одржи главната вечер на фестивалот „Таксират“, со што ќе биде затворено јубилејното 25-то издание на македонскиот алтернативен музички фестивал.

Публиката ќе има прилика да ужива во повеќе од 10 концерти и настапи кои паралелно ќе се одвиваат на три бини, а на кои ќе се претстават скоро 20 музички изведувачи.

-Главната вечер годинава ги собира резидентите, имињата потпишани зад најмасовните концерти, артистите кои дефинираа жанрови, но и станаа белег на „Таксират“ или уште поважно, музичката екипа која во моменти одигра значајна улога во опстојувањето на фестивалот. Покрај нив, скопската Арена „Борис Трајковски“ вечерва е збирно место и на новата генерација, актуелниот бунтовен звук, но и светската алтернативна, транскултурна електронска сцена, стои во соопштението на „Пасворд продукција“.

На листата како изведувачи се Кирил Џајковски, „Даб Ефекс“ од Австралија, „Ејсид Араб“ од Франција, како и „Дубиоза Колектив“, „С.А.Р.С.“, Страјк, „Смат“, „Лет 3“ и други.

Влезот за посетителите, соопштуваат од Пасворд продукција, ќе биде отворен во 19:30 часот, а почетокот на програмата ќе биде во 20:30 часот.