Главен советник на Камала Харис е нам познатиот Филип Гордон
Гордон остана во сеќавање на македонската политичка јавноста кога во 2010 го чекаше Груевски во Скопје, а тој не дојде, но потоа го стигна во Загреб
Најверојатниот кандидат на демократите во САД за претседател по повлекувањето на Џо Бајден, потпретседателката Камала Харис, во својот најтесен круг советници има лице многу блиско до македонската политика и генерално до Балканот.
Тоа е Филип Гордон, кој е советник за национална безбедност на Харис. Гордон служеше во администрациите на Барак Обама и Бил Клинтон и е исклучителен познавач на регионот, пошироко на Европа, но има и големо искуство од Блискиот Исток. На почетокот од мандатот на Харис тој беше заменик-советник за национална безбедност.
Во времето на Обама Гордон беше помошник-државен секретар за Европа, а потоа стана член на Советот за национална безбедност во Белата куќа. Тој беше еден о силните актери Македонија и Грција да најдат решение за името.
Во политичкото сеќавање познато е она негово „бркање“ на тогашниот премиер Никола Груевски во мај 2010, кога тој, наводно, поради чадот од еден вулкан на Исланд ,што прекри половина Европа, не можеше од Мароко да дојде во Скопје, каде што Гордон го чекаше. Сепак, Гордон го стигна Груевски во Загреб на еден регионален собир.
Груевски тогаш изјави дека со Гордон, кој беше помошник-државен секретар разговарале за прашањето за името и за проблемите со кои се соочува Македонија на патот кон НАТО и ЕУ. ,,Силно сме фокусирани што побрзо да се најде решение за проблемот со името. Волјата е огромна, но треба да добиеме предлог што го очекуваме подолг период, кој ќе биде прифатлив за двете земји и за поширокото граѓанство со оглед на тоа што ние се имаме обврзано да излеземе на референдум доколку дојде до поконкретно решение“, рече тогаш Груевски.
Решение имаше на маса следната година, во февруари 2011, и за тоа Груевски беше итно повикан во Вашингтон за разговори со тогашниот потпретседател Џо Бајден и државната секретарка Хилари Клинтон. Груевски го одби тоа решение, со кое новото име требаше да важи само за надворешна употреба, а потоа изгледа почна проектот за негово симнување од власта. (Н.В.)