Главен фокус на Буџетот за 2021 се економското заздравување и забрзан раст, вели Бесими


Поддршка на здравството и економското заздравување од кризата предизвикана од Ковид -19 се главните приоритети за наредната година. Воедно ќе се спроведат реформи во јавните финансии што ќе поддржат забрзан економски раст на среден и долг рок, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на средба одржана по повод подготовката на буџетот за 2021 година со меѓународните институции, на која учествуваа делегации од ЕУ, ММФ и Светска банка.

Бесими, информираат од неговиот Кабинет, истото го нагласи и на експертската средба што се одржа по повод подготовката на државниот буџет за наредната година.

-Целокупниот процес на реформи во јавните финансии ќе значи воведување на концептот на SMART Finance (СМАРТ финансии – стратешки, одржливи, одговорни, реформски и транспарентни), односно јавни финансии што ќе поддржат забрзан економски раст на среден и долг рок, во рамки на фискална одржливост и макроекономска и финансиска стабилност, посочи Бесими.

Клучните темели на кои ќе биде поставен буџетот за 2021 година, нагласи, ќе бидат забрзан, инклузивен и одржлив економски раст што ќе се темели на владеењето на правото и подигнување на капацитетот на институциите, реализација на инфраструктурни проекти што придонесуваат во растот, како и спроведување мерки и политики за развој на човечкиот капитал и за подобрување на конкурентноста на компаниите.