Гласот на Бранка Станковска оживеа – благодарение на „Титл“ и ВИ

– Со помош на напредни техники за „клонирање на глас“ (voice-cloning), тимот на новата македонска компанија „Титл“ (Tytl) успеа да го реконструира автентичниот глас на легендарната телевизиска и радиоводителка Бранка Станковска, која почина во јануари 2021 година. Вештачката реконструкција е создадена врз основа на избор и база на аудио-записи креирана за време на развојот на платформата, a резултатот е дигитална гласовна реплика што ја задржува препознатливата дикција, боја и емоционален израз на водителката. (линк до видеото).
Најголемиот предизвик, како што велат од компанијата со седиште во Валандово, било создавањето чист аудио-материјал погоден за учење на моделот.
„Повеќето достапни снимки беа од документарни емисии од архивата на МРТВ, каде што гласот на Бранка е измешан со музика, амбиентални звуци и други гласови. Тимот користеше напредни „open-source“ решенија и ВИ-технологии за вокално разделување и подобрување на квалитетот – процес што траел долго и напредувал паралелно со развојот на самите алатки и технологии. Процесот почна уште во 2023 година и постепено напредува до сè поавтентична реконструкција на гласот на Бранка. Финалниот модел е трениран да ги задржи нијансите што ја прават веднаш препознатлива, од нејзината топлина во поздравите до динамичната интонација кај кулминациите на приказните“, соопшти „Титл“.
Столе Китановиќ, со-основач на „Титл“, истакнува дека овој проект не е само технолошки исчекор, туку и важен чекор кон зачувување на македонското културно наследство.
– Со Бранка пораснаа генерации слушатели, а сега им даваме можност на новите генерации повторно да уживаат во нејзината посебност. Голема желба ни е да ја вратиме Бранка во етерот, таму каде што припаѓа. Не само како сеќавање, туку како глас што повторно живее, додава Китановиќ.
Од „Титл“ потенцираат дека ваквите технологии имаат огромен потенцијал за примена во забавната индустрија, образованието, културата и други области.
„Дигиталната реплика на гласот на Бранка Станковска е прв чекор во поширока иницијатива за дигитално реставрирање гласови со културно значење. Со напредокот на ВИ, станува возможна дигитална репрезентација што ја продолжува човечката присутност на начин којшто досега бил незамислив. Секако, со оваа можност доаѓа и одговорност – етичкиот аспект секогаш мора да биде во преден план“, нагласуваат од технолошката компанија.
„Титл“ е македонска ВИ-платформа за масовнопроизводство на аудиокниги – читани со повеќе вокали, збогатени со звучни ефекти, а на екранот паралелно течат синхронизирани титлови и илустративни визуелизации. Платформата овозможува лесно прилагодување на брзината на читање, избор на различни стилови на нарација и персонализирани аватари. Благодарение на сопствениот модул „СЦЕНА“ (SCENA), „Титл“ автоматски ги распознава сцените во текстот и ја усогласува музиката, амбиенталниот звук и динамиката на гласовите, а надополнувајќи го искуството со слики и видеа создавава вистински кинематографски ефект.
Платформата наскоро ќе стане достапна како мрежна апликација, но и како мобилни апликации (за „ИОС“ и „Андроид“), а во тек е интеграција и со паметни звучници и ТВ-уреди. „Титл“ е проект поддржан од „ФИТР“ и е дел од „НВИДИА Инцепшн“ (NVIDIA Inception), светска програма за поддршка на нови изуми во областа на ВИ и генеративните технологии.