Гласаше и пратеник позитивен на Ковид-19, Заев не бил информиран


Пратеник позитивен на Ковид-19 од владејачката коалиција вечерва гласаше во Собранието за избор на новата влада.

Тој бил спроведен во Собранието и гласаше од посебна просторија. Ова јавноста го дозна додека претседателот на парламентот Талат Џафери го најавуваше гласањето за новата влада, појаснувајќи дека одобрил да го внесат во посебна просторија со посебен протокол за гласање.

„Една информација, според протколот за гласање, еден од пратениците од мнозинството ќе гласа од посебен простор во кабина на горниот кат, пратеникот е внатре според протоколот за заштита од ширење на Ковид-19 и нема потреба од паника. Повторувам, преземени се сите мерки и нема простор за паника“, рече Џафери.

Како што јави ТВ21 станува збор за пратеникот Арбен Зибери, кој гласаше од посебна просторија вечерва за новата влада. Доколку има корона вирус, тогаш би требало да биде во изолација.

Премиерот Зоран Заев, како што рече подоцна давајќи ја првата изјава за медиумите, рече дека не знаел дека има пратеник кој е позитивен на корона вирусот.

„Не бев информиран“, рече Заев појаснувајќи дека можеби станува збор за сомнителен случај кој чека да биде тестиран или чека резултати, и дека се испочитувани сите протоколи кои велат дека треба таквите лица да бидат во самоизолација.