Глас за Македонија од Куманово: Борба против корупција, поддршка за мали семејни фирми


Политичката партија „Глас за Македонија“ се залага за борба против корупцијата, против партизација на државата, јакнење на малите семејни бизниси и поддршка за мали и средни претпријатија, порачаа на денешната средба со кумановци, претседателката на партијата, Солза Грчева и носителката на листата во ИЕ2, Адриана Богдановска Тоскиќ.

-Народот е претворен во гласач, но токму народот мора да ги носи клучните одлуки, вели Грчева, додавајќи дека има механизми за промени во политичкиот систем со кој народот може да контролира каде и зошто се трошат неговите пари. Во програмата, посочи Грчева обрнато е внимание на националната економија, на малите и средните претпријатија.

– Храбро кажуваме дека нам администрацијата ни е огромна. Ние ќе ја намалиме барем за 30 проценти за три години. Предност ќе дадеме на мали семејни фирми и средни претпријатија, изјави Грчева.

Глас за Македонија, додава таа, е светол пример за родова еднаквост и од петте носители, четири се жени додека на листите подеднакво се застапени и жени и мажи, а има и голем број на млади луѓе.

– Клучно ни е образованието и здравството коешто гледате каков колапс доживува овие денови. Мораме овие системи да ги дигнеме да живееме нормално, значи пред сè борба со корупцијата, вели Грчева.

Носителката на листата во ИЕ2, Адриана Богдановска Тоскиќ вели дека многу важни се националните прашања.

– Главниот фокус ќе биде департизација на државата, подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните и силна борба против корупцијата, не само институционалната туку и корупцијата на духот што владее, вели Богдановска Тоскиќ.