Гламурозна колекција на “ЈZJ by Zlatko Jovanovski”: Тетово како Париз (галерија)


Гламурот на младиот дизајнер Златко Јовановски нема граници. Неговите нови креации како да се произлезени од забавите на филмот „Големиот Гетсби“ на Баз Лурман, блескаат со раскошноста, светкавите материјали и монистрите, а манекенките Калтрина и Иларија се преубави со гламурозните фризура и шминка. Човек да помисли дека е во рајот , а штотуку излегол од карантин.

Јовановски, познат по уникатните и екстравагантни креации за свечени пригоди и за свадби, со ателјеа во Скопје и во Тетово, ја промовира новата колекција наменета за дами кои ценат префинет и провокативен стил.

Колекцијата е во препознатливите бои на брендот “ЈZJ by Zlatko Jovanovski” – златната, сребрената, црната, црвената и нјуд . Сите фустани се  рачно везени со монистри, стакла, камења, апликации, и пердуви за да се долови гламурот.

-Јас покрај тоа што сум дизајнер и креативец истовремено сум и воркoхолик, па затоа времето поминато дома односно во карантин немаше да влијае добро на мене доколку по цел ден дремев со серии и скролав по социјалните мрежи. Затоа ги засукав ракавите на мојот пењоар и по дома со шоља јако кафе и погласна музика од вообичаено, се фатив за работа. Како и што се гледа пo фотографиите, креациите се работени со многу детали, но тоа мене не ме замори, напротив ми претставуваше задоволство и ме релаксираше.

Јас како лав во хороскоп и како крал на светкавото и сјајното (хаха) морав првата реченица  да ја почнам со “Јас”, но исто така сакам да кажам и огромно “Благодарам” за тимот кој ја направи колекцијата комплетна. Односно, по финиширањето на фустаните имав замисла да ги сликам во златен, раскошен ентериер и токму таков најдов во моето Тетово- ресторанот за свадби “Голд Планет”. На фотографиите работеше Насер Исмаили, за шминката се погрижи Његач, а фризурите беа на Окатај. Јас како дизајнер можам да замислам и да направам најубави креации но сепак тие за да бидат прикажани во вистинско светло ми помогнаа и моделите Калтрина и Иларија и ми е особено драго што уживаа додека ги носеа креациите и позираа во нив, ни изјави Златко за колекцијата. (Л.С.)