„Глаксо“ купува 10 отсто од „Кјур вак“ за 163 милиони долари, ќе развиваат вакцини против КОВИД-19


Британската компанија „Глаксо Смит Клајн“ (GlaxoSmithKline) во понеделникот објави дека ќе инвестира 163 милиони американски долари за купување на 10 отсто удел во германската биотехнолошка компанија „Кјур вак“ (CureVac), за да работат заедно за развој на пет вакцини против КОВИД-19, засновани на mRNA технологијата.

Постојните истражувачки програми на CureVac за вакцини против беснило и против КОВИД-19 нема да бидат опфатени со договорот, објавија двете компании.

„Кјур Вак“ во јуни објави дека ќе започне испитувања со експериментални вакцини за лекување на КОВИД-19 врз луѓето во нејзината земја.

Компанијата со седиште во Туебинген, поддржана од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, го користи таканаречениот пристап за месинџер РНА, кој исто така е прифатен од „BioNTech“, нејзиниот партнер „Pfizer“ и „Moderna“.