Гладни за профит: Зошто цените на храната се толку високи во Европа?
Во повеќе анализи за високите цени на храната освен нарушување на синџирот на снабдување се наведува и факторот „лакомост“ - бизниси кои ја поттикнуваат инфлацијата поради профит
Цените на храната остануваат високи, не само во Македонија, туку и речиси во сите земји на Стариот континент. Доколку се земат предвид цените на прехранбените производи или таканаречената инфлација на храната, тогаш произлегува дека во март Македонија била на 12 место меѓу 45 земји во Европа според порастот на цените на храната. Како што покажуваат податоците што ги објавува Трејдингекономикс, (Tradingeconomics), во март годинава во Македонија на годишно ниво храната била поскапа за 21,7 отсто, што сепак е помалку од еден месец претходно кога изнесувала 25,3 отсто.
Уште неколку земји се во оваа група, меѓу кои и Романија, каде што во март цените на храната на годишно ниво биле поголеми за 21,5 отсто, во Германија за 21,2 отсто, и во Бугарија за 21 отсто.
Во изминатата година храната најмногу поскапела во Турција, за дури 67,89 отсто, потоа во Унгарија за 44,8 отсто, во Словачка за 28,2 отсто и во Литванија за 27,6 отсто.
Високо на табелата е и Србија, каде што според мартовските податоци, храната на годишно ниво била поскапа за 25,4 отсто.
На долниот дел од табелата се Русија со раст на цените на храната од само 2,57 отсто, потоа Швајцарија со 6,3 отсто, Кипар со 7,1 отсто, Норвешка со 8,61 отсто и Албанија, каде што храната за една година поскапела 11 отсто.
Зошто е така?
Ова прашање си го поставуваат во многу земји. Последна во низата е Велика Британија, каде што беше забележано забрзувањето на растот на цените на храната и безалкохолните пијалаци за 19,1 отсто во годината заклучно со март, поттикнати од рекордниот раст на цената на лебот и житарките, како и остриот раст на бисквитите и колачите.
Ваквата состојба ќе го зголеми притисокот особено врз најсиромашните домаќинства во Британија, кои трошат поголем дел од својот приход на основните работи отколку побогатите.
Според експертите, кои ги цитира „Гардијан“, зголемените трошоци за енергија и нарушувањето на синџирот на снабдување предизвикани од руската инвазија на Украина се главните причини, заедно со зголемените трошоци за работна сила, лошите временски услови кои влијаат на жетвата и трговските бариери за Брегзит.
Има надежи дека цените би можеле наскоро да одат надолу по падот на глобалните големопродажни цени на храната во последниве месеци, вклучувајќи го и падот од 32,8 поени на индексот на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации од врвот во март 2022 година. Сепак, производителите купуваат и продаваат користејќи долгорочни договори, што го отежнува брзото паѓање на потрошувачките цени.
Во повеќе анализи се наведува и факторот „лакомост“ – бизниси кои ја поттикнуваат инфлацијата поради профит – додека производителите и трговците на мало вршат големи зголемувања на цената на основните работи.
Во анализа на Групацијата „Алијанц“, еден од водечките даватели на интегрирани финансиски услуги ширум светот се вели дека цените на храната во Европа остануваат високи и ќе се намалат дури подоцна оваа година.
Во март, вкупната инфлација во еврозоната се намали на 6,9 отсто на годишно ниво, што е помалку од 8,5 отсто во февруари, како резултат на големиот пад на инфлацијата на енергијата на -0,9% (намалување од 13,7% годишно во февруари). Сепак, инфлацијата на храната, алкохолот и тутунот повторно порасна на 15,4 отсто и најверојатно ќе остане висока до крајот на годината, се вели во анализата.
Ладењето на цените на суровините не помогна да се ублажат притисоците на цените на храната во Европа. Од април 2023 година, повеќето прехранбени артикли се тргуваат на нивоа блиску или малку над оние од 2021 година. Иако некои остануваат скапи, видовме слични цени во 2013-2014 година без големо зголемување на инфлацијата на храната, посочува „Алијанц“, и додава дека производителите на пакувана храна стојат зад најголемиот дел од ценовните притисоци.
Дел од инфлацијата на храната останува „необјаснета“ поради желбата за профит. Ова би можело да произлезе од тоа што фирмите во прехранбениот сектор ги надоместуваат тешките месеци помеѓу март и јуни 2022 година.
„Сметаме дека повеќето фирми од тогаш успеале да го зголемат прометот над трошоците“, се посочува во анализата, во која се додава дека треба да се очекува цените да продолжат да се зголемуваат до летото и да останат на покачени нивоа.
Се проценува дека домаќинствата изгубиле меѓу 1,1 отсто и 9,2 отсто од куповната моќ во текот на изминатата година, а најтешко се погодени земјите од Источна Европа.
„Понатамошното зголемување на цените на храната за над 20 отсто може да доведе до пад на потрошувачката во ЕУ за околу 1 процентен поен“, се вели во анализата.
Во неа уште се додава дека „ладењето“ на цените на суровините сугерира дека други фактори може да го објаснат континуираниот притисок на цените врз храната.
Глобалните цени на суровините нагло се повлекоа од нивните врвови во 2022 година: пченицата и сојата сега се тргуваат на нивоата од 2021 година, додека пченката е околу 30% поскапа отколку на почетокот на 2021 година, а ѓубривата остануваат околу 50% поскапи од пред неколку години; сепак инфлацијата на храната продолжува да расте.
Инфлацијата на храната значително варира во различни земји поради структурни фактори. Франција, Италија и Шпанија забележаа инфлација на храната под европскиот просек во 2022 година, а од друга страна, Германија, Полска и Словачка забележаа натпросечна инфлација на храната, што се објаснува со структурата на малопродажниот пазар, потоа навиките за потрошувачка, зависноста од увоз на храна од Украина и тн.
Во Македонија, Владата направи обид со замрзнување на цените на прехранбените производи да влијае врз нивниот пораст, а со тоа и врз инфлацијата на храната. Иако во тоа имаше делумно успех, цените на пазарите покажуваат дека сепак најновата мерка за замрзнување на цените на 11 прехранбени производи, што ќе важи до крајот на овој месец, не се почитува за сите производи, особено не за доматите, краставиците, гравот… кои и натаму се продаваат по значително повисоки цени од оние што ги одреди Владата како највисоки.