Ѓукановиќ очекува проблемите во Црна Гора да се решаваат со посредник, најверојатно од ЕУ


Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ денеска изјави дека ќе го почитува Уставот и ќе ги потпише измените на Законот за Претседател. Тој посочи дека е реално да се очекува дека проблемите во Црна Гора ќе треба да се решат со помош на посредник и дека најлогично е тоа да биде некој од Европската Унија.

Ѓукановиќ ова го изјави во интервју за агенцијата Мина, одговарајќи на прашањето дали ќе ги потпише измените на Законот за Претседател. Тој посочи дека не верува оти има многу причини за сомнеж.

– Како и секогаш до сега, ќе ги исполнам сите обврски како претседател на државата пропишани со Уставот, рече Ѓукановиќ.

Зборувајќи за разврската на кризата, тој рече дека не е поддржувач на воведување медијатори во внатрешно-политичките проблеми и дека пред парламентарните избори во 2016 година имало идеи Црна Гора да добие посредник.

– Мислам дека длабочината на проблемите што ги живееме во оваа фаза од политичкиот живот во Црна Гора, со ваквото арогантно непочитување на препораките на релевантните меѓународни институции, неминовно го условува нивното решавање со помош на партнерите, рече Ѓукановиќ. Најлогично, рече, е тоа да биде некој од ЕУ.