Граѓаните на Автокоманда топлинска енергија ќе добиваат преку ЕСМ Снабдување


Откако денеска, градоначалникот на Општина Гази Баба јави дека дека е во тек процес поврзан со промена на снабдувач со топлинска енергија на домаќинствата во Автокоманда, за кои дознал во декември, па побарал средба, но никој не го повикал, ЕСМ објаснува каква промена настанала.

„Од 01.02.2023 година согласно Одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, ЕСМ Дистрибуција на топлина ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда, општина Гази Баба. Заради оптимирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата системи за централно греење кои функционираат одделно согласно лиценците: ЕСМ Енергетика и системот кој го сочинуваат ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство и ЕСМ Снабдување, извршено е одделување на мрежа која се наоѓа во населбата Автокоманда од ЕСМ Енергетика и нејзино спојување на дистрибутивната со мрежата која ја управува ЕСМ Дистрибуција и овие две мрежи се сега една функционална целина“, појасни Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство од АД ЕСМ .

Додаде дека, во постапка согласно Законот за заштита на лични податоци во наредниот период ќе се изврши преземање на податоците на потрошувачите од претходниот снабдувач ЕСМ Подружница Енергетика.

Ноивите потрошувачи од населбата Автокоманда, фактурите за топлинска енергија за месец февруари, кои ќе ги добијат во месец март и понатаму ,ќе ги добиваат од ЕСМ Снабдување со топлина. За домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на претходните кои ги добивале од ЕСМ Енергетика. Деловните потрошувачи и образовните институции кај кои наплатата се врши по мерач ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија.

ЕСМ Снабдување отворила и уште еден, нов пункт за потрошувачи кој се наоѓа во населбата Автокоманда на ул Јани Лукровски бр.8 локал 4.

На потрошувачите од населбата Автокоманда, ќе им бидат достапни сите информации и услуги кои ги нуди ЕСМ Снабдување со топлина на своите потрошувачи на својата веб страницата, како информации за локација на пункотвите и работното време, за “Центарот за грижа на потрошувачи”, достапен е формуларот за е-фактура и договорот за снабдување како и електронскиот систем за плаќање на фактури. На веб страницата се поставени и известувања за дефекти во дистрибутивниот систем.

Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е потрошувачите од населбата Автокоманда да склучат “Договор за снабдување со топлинска енергија” со новиот снабдувач ЕСМ Снабдување со топлина кон кого ја имаат обврската за плаќање на услугата од 01.02.2023. Договорот е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ.

За таа цел потрошувачите на чие име се води сопственоста на станбениот или деловниот простор, потребно е да го симнат договорот поставен на веб страницата на ЕСМ Снабдување, да го испечатат во два примерока, да ги пополнат и двата примерока и лично да ги предадат во еден од Пунктовите за потрошувачи на ЕСМ Снабдување. За потрошувачите кои немаат можност за пристап до веб страницата, договорите ќе бидат достапни и во Пунктовите. При поднесување на договорот потребно е потрошувачите да приложат на увид документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач.
Доколку сопственикот на имотот не е во можност лично да дојде во наплатниот пункт, може да ополномошти друго лице, кое во негово име ќе го потпише потребниот договор.
По заверка на договорот, од страна на ЕСМ Снабдување со топлина, истиот ке биде доставен по пошта на адреса на потрошувачот наведена во договорот и со тоа договорот ќе се смета за склучен.
Доколку е настаната статусна промена на сопственост (купопродажба, решение за наследување и сл) потрошувачот е потребно да приложи на увид документ за идентификација како и документ со кој се докажува сопственоста на посебен дел од објектот како имотен лист, купопродажен договор или решение за наследување.