Ѓорѓиевски за Илинден: Имаме света должност – да ја чуваме, браниме и унапредуваме оваа исконска земја

Градоначалникот на Општина Кисела, Вода Орце Ѓорѓиевски упати честитка по повод Илинден – Денота на Републиката со порака дека „на 2 август 1903 година, нашите дедовци му покажале на светот дека огнот на слободата што гори во срцето на Македонецот е нескротлив, а дека денес, ние имаме света должност – да ја чуваме, браниме и унапредуваме оваа исконска земја“.
-Вечен нека биде Илинден, вечна е Македонија! На Илинден, нашите предци ја започнаа својата борба за создавање на македонската држава, борба што ја продолжија многу знајни и незнајни јунаци кои ги положија своите животи на олтарот на слободата, за Македонија да биде дом за својот народ. На 2 август 1903 година, нашите дедовци му покажаа на светот дека огнот на слободата што гори во срцето на Македонецот е нескротлив. Тој пламен продолжи да гори и преку Илинденците од 1944, за да се роди современата македонска држава. А денес, ние имаме света должност – да ја чуваме, браниме и унапредуваме оваа исконска земја, вели Ѓорѓиевски во честитката објавена на неговиот Фејсбук профил .
Градоначалникот и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначланик на Град Скопје, Ѓорѓиевски нагласува дека Македонија ќе живее, затоа што, како што вели, има горди синови и ќерки кои безрезервно ја љубат.
-Ние, нашата генерација. Јас верувам во нашата генерација! Македонија ќе живее, затоа што има горди синови и ќерки кои безрезервно ја љубат. Честит и вечен нека е Илинден!, посочува Ѓорѓиевски во честитката.
Ѓорѓиевски ја предводеше партиската делегација во состав градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката Катерина Димитровска, кои денеска во Скопје, положија цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто.
Партиска делегацијата предводена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во состав претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик-министерот за правда Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески во текот на денот ќе положат цвеќе и во Ташмаруништа, Струшко.