Ѓорѓиевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конструктивна ако победи Мециновиќ во Скопје


Кандидатот за градоначалник на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски изјави дека неговата партија ќе делува „конструктивно“ во Советот на Град Скопје, доколку во вториот круг од изборите победи кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ.

Со оваа изјава, Ѓорѓиевски индиректно ја неутрализираше реториката на сопствената партија, која во текот на кампањата предупредуваше дека доколку не биде избран нејзиниот кандидат, Скопје ќе продолжи да биде блокирано и нефункционално. Ова е прв  сигнал за можна институционална соработка и надминување на политичките конфронтации во Советот на Градот.

Во истата емисија, Ѓорѓиевски потврди дека ќе учествува во претстојната телевизиска дебата на Телма, што дел од јавноста го оцени како позитивен чекор кон потранспарентна и поотворена политичка комуникација во пресрет на вториот круг од локалните избори во Скопје.

Тој исто така потенцираше дека ветувањето за чисто Скопје во рок од 72 часа е реално и остварливо. Тој ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на гласање и да го дадат својот гласа за него, бидејќи како што кажа, на Скопје веќе не му се потребни експерименти туку работа.

„Јас стојам зад тоа што сум го ветил, дека градот може за 72 часа да биде чист, убеден сум дека 117 камиони има, а само 17 се исправни, 46 има метлачки и камиони за перење на улици, а само 6 се исправни, имам добар план и визија како ќе го направам тоа“,рече Ѓорѓиевски во дебатата со кандидатот за градоначалник на Левица Амар Мециновиќ.

Освен градските и општинските власти, Ѓорѓиевски рече дека и граѓаните и општествено одговорните компании ќе помогнат во овој процес.

„Одговорно тврдам со општествено одговорни компании со помош на нашите колеги не само во Скопје, туку и надвор од Скопје, добро ќе биде исчистен градот не само на микролокациите туку секаде, и конечно исто така после долги години за првпат ќе ги испереме улиците“,рече Ѓорѓиевски.

Во однос на состојбата со јавната хигиена, Мециновиќ рече дека решението за чисто Скопје е политичка волја, а не префрлање вина врз граѓаните.

„Загадувања, муабети, домаќинства – доста е. Треба да се прекине да се посочува прстот кон домаќинствата, кон сиромашните“,рече Мециновиќ.

Тој упати серија критики за актуелното управување со градот и за, како што рече, „кампањското чистење“ на Скопје.

 ја коментираше ниската излезност на гласачите во првиот круг од Локалните избори 2025, истакнувајќи дека таа произлегува од недовербата во политички промени.

-Излезноста почива на тоа што нашите граѓани не гледаат политички промени кога ќе дојде до трансфер на власт. Малата излезност е генерално продукт на тоа што нашите граѓани сметаат дека не можат да делуваат со своето гласачко право кое го имаат – не можат да ја сменат судбината, рече Мециновиќ.

Тој додаде дека народот не е деполитизиран, туку индиферентен, бидејќи не верува дека може да се дојде до вистинска промена. Според него, вториот круг од изборите отвора нова политичка реалност во Македонија.

-Сега имаме други околности, втор круг каде што има натпревар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и сметам дека со самото тоа што ги живееме првите денови од оваа нова политичка реалност во Македонија, многу граѓани ќе се охрабрат и допрва ќе излезат во вториот круг, изјави тој.

При претставувањето тој кажа дека студирал на политички студии, потврдувајќи дека нема дипломирано, дека работел различни работи, меѓу другото и фриленсер. Како член на Левица станал општински советник, а потоа и пратеник.