Орце Ѓорѓиевски победи во Скопје со најмалку гласови во 20 години


 

Скопје ја доби најтенката победа во новата историја на градот: Орце Ѓорѓиевски е избран за градоначалник, но со најнизок апсолутен број гласови споредено со скопските победници во последните дваесет години.

Паралелно, Амар Мециновиќ ја испорача најголемата промена во вториот круг — ги удвои гласовите во однос на првиот круг — и од речиси симболична стартна предност стигна до финиш што ја држеше трката отворена до последните записници.

Прашање е дали Ѓорѓиевски ќе стигне до 100.000 гласови. Со избројани 98,69 отсто од гласовите тој има 94.214. Амар Мециновиќ од Левица засега има 59.959 гласови. Може да се случи прв пат еден кандидат да стане градоначалник на Скопје со помалку од 100.000 гласови. Тоа е резултат и малата излезност во вториот круг, но и тоа што Ѓорѓиевски не успеа да мобилизира поголема поддршка во изминативе две недели. Тој доби само 3.000 гласа повеќе од првиот круг што е незначителна бројка.

Очигледно граѓаните на Скопје, надвор од политичките преференции или партиски припадности не видел во него човек кој може да биде над повеќето политички струи. Забележливо беше што имаше екстремно мала излезност во Чаир и Сарај, каде што во првиот круг победија кандидатите на „Вреди“.

И уште еден податок: Орце Ѓорѓиевски доби само 20 отсто од вкупниот број гласачи во Скопје. Што е своевиден пораз и за него и за ВМРО-ДПМНЕ, и покрај победата. 

Гласањето беше обележано со ниската излезност и тесната маргина, што му дава на новиот градоначалник формален, но политички „лесен“ мандат. Ваквата слика ќе ја тестира способноста на градската управа за брзи, видливи потези: јавен превоз, улична инфраструктура, чистење и енергетска ефикасност — области во кои довербата се освојува со конкретни рокови и отчет.
 
 
За опозицијата, пак, двојното зголемување на поддршката е сигнал дека мобилизацијата може да надомести организациски дефицити, но само ако се прерасне во трајна теренска структура.
 
Според оценките на опозицијата покрај историски најмалата излезност на избори, да беа тие парламентарни со оглед на освоените гласови ВМРО-ДПМНЕ ќе изгубеше седум пратеници. 

 

„Од 470 илјади гласачи, колку што има Скопје, кандидатот на кој што му честитате има 90 илјади. Тука во прашање доаѓа легитимитетот. Тоа е порака што треба да се прими“, изјави вечерва членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски.

Според него, имавме кампања на тројца опозиционери – кандидатот на СДСМ, кандидатот на Левица и Орце Ѓорѓиевски, кој, како што вели, настапува поопозициски од нивните кандидати односно како опозиција на досегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.