Ѓорѓиевски: Ново партнерство за филмската уметност во пресрет на „Скопје 2028“
Ново партнерство за филмската уметност во пресрет на „Скопје 2028“. Со Томи Салковски, управител на „Скопје филм студио“ и организатор на Скопскиот филмски фестивал, потпишавме Меморандум за соработка со што воспоставуваме долгорочно партнерство за развој на филмската уметност, побогата културна понуда и посилна меѓународна афирмација на Скопје, соопшти денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
– Нашиот град има силна филмска традиција, талентирани автори и публика која заслужува квалитетна и достапна култура. Со оваа соработка создаваме услови за натамошен развој на фестивалот и негово поцврсто позиционирање на регионалната и европската културна сцена. Преку европски филмски програми, меѓународни партнерства и активности за младата публика, ќе отвориме нови можности за авторите и за посилно претставување на македонската кинематографија пред европската публика. Во пресрет на „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, продолжуваме да градиме партнерства што ќе придонесат за траен развој на културниот живот во градот – напиша тој на неговата Фејсбук – страница.
Ѓорѓиевски истакна дека Скопје има приказни што заслужуваат да го обиколат светот и таленти што заслужуваат поддршка.
– Наша обврска е да им овозможиме простор да создаваат и да успеваат – додаде скопскиот градоначалник.