Левица објавува нов скандал на власта на ДПМНЕ, кој ја продолжува низата на делење тендери на контроверзни компании, кои во минатото партијата на Мицкоски ги обвинуваше за криминал и корупција. Имено, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тендерот за зимско одржување на улиците во вредност од еден милион евра го доделил на фирмата ,,Нексос Инженеринг”, каде сопственик е Јонче Спиркоски.
Спиркоски во минатото стана познат во јавноста со неговата фирма ,,Аполо Инженеринг”, за која токму ДПМНЕ на прес-конференции обвинуваше за сериозен криминал со спорните високатници кои требаше да се градат во населба Влае.
„Како Орце Ѓорѓиевски сега дели милионски тендер на бизнисмен за кој неговата партија обвинуваше дека е дел од градежната мафија која сака да го бетонизира Влае?! За контроверзниот ДУП во Влае и бизнисменот Јонче Спирковски, медиумите претходно објавуваа дека фирмата на Спирковски извршила скандалозна приватизација на улицата ,,Есперанто”, каде успеала да приватизира 153 квадратни метри по цена од само 285 денари за метар квадратен!
Ѓорѓиевски и ДПМНЕ – кои во минатото обвинуваа дека преку тендерот за зимско одржување на улици се врши грабеж на граѓаните – сега овој “бонбона бизнис” го делат на бизнисмен кој го обвинуваа за коруптивни шеми и криминални зделки. Како и за сите претходни тендери кои институциите на ДПМНЕ ги поделија на фирми кои ги обвинуваа за криминал, очекуваме и Ѓорѓиевски да излезе со познатите флоскули дека “тендерот е спроведен согласно законите”. Очигледно е дека криминалните тендери и шеми за провизии ги продолжи партијата на Мицкоски онаму каде што застана претходната власт на СДС. И после две години власт, ниту еден од криминалните скандали за кој ДПМНЕ обвинуваше во опозиција не е разоткриен и нема одговорност, затоа што истите криминални шеми и коруптивни практики со контроверзни фирми ги продолжи и криминогената власт на Мицкоски“, порачуваат од Левица.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, пак, ги негира обвинувањата, бидејќи според него тендерот не го дал тој, туку неговата претходничка Данела Арсовска. Според него, станува збор за уште една манипулација со факти и обид за креирање политички наратив кој не соодветствува со реалната состојба.
„Тендерската постапка за која Левица пласира обвинувања во јавноста е потпишана во периодот на мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска. Станува збор за постапка која е наследена од претходната администрација и претставува дел од континуирани развојни процеси во институциите на Град Скопје“, вели тој и потсетува дека токму во периодот на администрацијата на Арсовска, претставници и блиски кадри на Левица имале изразена блискост со управувачките структури во градските институции.
„Во тој период, нивни претставници учествувале во управни одбори, добивале работни позиции, како и договори на дело во институциите под надлежност на Град Скопје. Дополнително, јавноста треба да знае дека институциите на Град Скопје беа оставени во исклучително тешка финансиска состојба, со обврски и финансиска дупка проценета на околу 300 милиони евра, што е резултат на недомаќинско и неодговорно управување во претходниот период“, посочи Ѓорѓиевски додавајќи дека, пред да се делат лекции за транспарентност и отчетност, неопходно е политичките актери да се соочат со сопствената улога и одговорност во процесите од минатото.
„Граѓаните на Скопје имаат добра меморија, а фактите остануваат најсилен аргумент во јавната дебата. Наместо фабрикување наративи и краткотрајни политички конструкции на социјалните мрежи, јавноста очекува од опозицијата конструктивност, идеи и конкретни решенија за подобар и пофункционален град“, порача градоначалникот. Воедно тој апелира до Левица во рок од 24 часа јавно да се извини за пласираните невистини.