Одговарајќи на прашање за забраната за фрлање отпад по 22 часот, Ѓорѓиевски рече дека Градскиот инспекторат ги извршува своите надлежности, но дека постојниот систем има ограничувања.

Тој посочи дека дел од граѓаните сметаат дека им е поевтино да ја платат казната отколку правилно да го одложат кабастиот отпад во „Дрисла“. Поради тоа, Градот планира еднаш неделно да овозможи бесплатно одлагање на кабаст отпад за сите жители на Скопје.

Ѓорѓиевски оцени дека проблемот со дивото депонирање го создаваат мал број несовесни граѓани и компании кои стар мебел и друг отпад го оставаат покрај контејнери, во паркови и на булевари.

Тој нагласи дека во борбата против незаконското одлагање отпад се вклучени и скопските општини, а посочи дека со координиран пристап може да се постигнат подобри резултати.

Градоначалникот додаде дека деталните податоци за изречените казни се достапни преку градската инспекција.