Ѓорѓи Спасов издаде книга за раѓањето на мултипартизмот


Поранешниот политичар, министер, амбасадор и универзитетски професор, Ѓорѓи Спасов, денеска, точно на 30 години од првите парламентарни избори, ја објави својата најнова книга „Раѓањето на мултипартизмот“ – страници од македонската политичка историја.

Спасов во неа на 250 страници го анализира потеклото на политичките партии во Македонија и промените во партискиот систем на земјава во изминатите 30 години.

Тој вели дека во анализата се раководел од мислата на познатиот францускиот политиколог Морис Диверже според кого „да се опише партискиот систем во една земја, да се согледаат промените во неговиот изглед и да се одреди неговата еволуција, значи да се проучува демократијата во таа земја преку еден од нејзините значајни аспекти“.

Според него, партискиот систем во земјите во кои е дозволена слободата на политичкото здружување на граѓаните во голема мера е транспарентен индикатор за поделбите и спротивставеностите што постојат во нив и дека анализата на политиката на политичките партии во тие земји, на нивната моќ и влијание може да нѐ доведе до сигурни сознанија за можностите и насоката во развојот на политичките процесии и институции во тие земји.

Покрај тоа што е анализа на мултпартизмот, оваа книга на Спасов е и хроника на сето она што се случуваше во политичкиот живот во последниве три децении.