Ѓорчев тврди дека некој ја наместил ВМРО-ДПМНЕ на 27 април


Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, сведочеше денес на нападот на Парламентот на 27 април оценувајќи дека на тој ден најмногу изгубила неговата партија, а некои лица завршиле во затвор.

Оцени дека целата постапка за избор на спикер и влада во 2017 година ќе завршела за една недела ако се причекало да завршат сите пријавени дискутанти. Тој ден вели дека имало многу пријавени за збор, но оти претседавачот Трајко Вељаноски неколкупати повикувал пратениците да се откажат од правото на збор.

– Тој 27 април беше лош ден за Македонија. Кој е тој што доби, а кој изгуби? ВМРО-ДПМНЕ најмногу изгуби, а триесетина луѓе завршија на „Голи Оток”. Затоа велам дека 27 април не беше исклучок, туку еден голем план. Некој сакаше да се случат проблеми – објасни Ѓорчев.

Пратеникот Зеќирија Ибрахими кој на продолжението од конститутивната седница на 27 април во 2017 година ја испеа албанската химна изјави дека тоа било процедурално. Во својот исказ денеска пред судот како сведок на судењето за наводните организатори на 27, појасни дека ја пеел химната на Албанија бидејќи претходно пратеникот Крсто Мукоски ја пеел македонската химна кое за Ибрахими било провокација.

Во изјава за медиумите, Ибрахими рече дека пеењето на албанската химна не било прекршување на деловникот бидејќи претходно тоа веќе го сторил претседавачот со конститутивната седница, кој дозволил од говорницата да се пее македонската химна.

На денешното рочиште сведочат и пратениците  Дафинка Јовановски, Ана Лашкоска, Ејуп Алими, Реџеп Исмаили и Теута Биљали.Сите сведочат по барање на обвинетиот Трајко Вељановски кој заедно со Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се обвинети дека ги организирале собраниските настани од 27 април.