Ѓорческа ја декласираше Колумбијката Аранго на турнир во Унгарија


Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, ја декласираше Колумбијката Аранго со 6:0, 6:2 во четвртфиналниот дуел на ИТФ фјучрс турнирот во унгарскиот град Карпошвар.

Аранго има лош пласман на светската ранг-листа, не е меѓу првите 1.000, но таа во првото коло докажа дека е одлична тенисерка, со тоа што ја изненади Олга Даниловиќ, Србинката која учествува и на гренд-слеми и како 218-та на светот, беше втора носителка на турнирот.

Турнирот кој се игра на земјена подлога, има вкупен награден фонд од 25.000 долари. Според ранкингот на ВТА листата, Лина ќе биде фаворит во утрешното полуфинале во кое за противничка ќе ја има Словенката Вероника Ерјавец. Ерјавец играше и квалификации за да влезе на главниот турнир.