Ѓоковиќ загуби сет, па го збриша Ван Рајтховен


Англија – Новак Ѓоковиќ ја продолжи одбраната на трофејот на Вимблдон откако синоќа славеше над Тим ван Рајтховен со 3-1 во сетови,за пласман на српскиот тенисер во четвртфиналето од британскиот гранслем турнир.

Осминафиналето почна со доминација на првиот носител, кој рутински го доби првиот сет со 6-2. Изненадувањето се случи во вториот сет од мечот, во кој Холанѓанецот направи брејк и успеа да ја задржи ваквата предност до самиот крај, добивајќи го со 4-6 и израмнувајќи на 1-1 во сетови.

Тоа беше доволна причина за аларм кај Новак, кој го крена нивото на својата игра, па во преостанатите два сета целосно доминираше на теренот, препуштајќи му на противникот само три гејма (6-1, 6-2).

Ѓоковиќ за ривал во четвртфиналето ќе го има Синер од Италија, кој вчера славеше со 3-1 во сетови над Шпанецот Алкараз.