Ѓоковиќ за болниот пораз од Лајовиќ: Далеку сум од моето ниво
Душан Лајовиќ го кршеше, го кршеше и најпосле го скрши Новак Ѓоковиќ на турнирот во Бања Лука
Новак Ѓоковиќ на два турнира губи два пати во раната фаза. Прво тоа беше на силниот мастерс во Монте Карло, а денеска на релативно скромниот по силина АТП 250 Српска опен во Бања Лука. Српскиот тенисер Душан Лајовиќ го кршеше, го кршеше и најпосле го скрши светскиот рекет број 1 со 2:0 во четвртфиналето, во сетови 6-4, 7-6 (8:6) по два часа и 25 минути игра. Ѓоковиќ имаше безброј брејко топки, искористи само неколку, а во тајбрејкот на вториот сет доживеа болен пораз по големо водство.
По мечот речиси видно нерасположениот Ѓоковиќ низ заби проговори за неуспехот:
„Душан е фантастична личност, одлично момче кое го познавам долго време. Толку пати игравме заедно во Дејвис купот, ова е голема победа за него, последните 12 месеци не му беа лесни“, започна Ѓоковиќ, пренесува „Нова.рс“.
Ѓоковиќ за самиот пораз рече:
„Комбинација од сè. Тој играше добро, солидно, јас бев неколку нивоа под очекувањата. Не можам да го сторам ништо со оваа игра, се чувствувам бавно, тромо, бев целосно надвор од ударот. Што да правам. На моменти играв добро, но генерално доста под нивото“.
Исто така, изгледаше како Новак да нема мотив, но тој ги отфрли тие тврдења:
„Да не верував немаше да бидам на теренот, лудост е да се зборува за тоа. Тоа што играв лошо е спој на некои околности, играчка состојба која е далеку од ниво. Многу пасивност, многу грешки и тоа резултираше со пораз“.
На прашањето дали ќе биде подготвен за Ролан Гарос тој одговори: „Се надевам дека ќе бидам добар за Ролан Гарос, таму условите се сосема поинакви. Во изминатите сезони имаше бавен почеток, а потоа многу подобро на крајот“.