Ѓоковиќ утре ќе ги добие резултатите од тестирањето, потоа ќе се обрати на јавноста


Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, беше тестиран за корона вирус и резултатите ќе ги добие утре, потврдено е од неговиот ПР тим. Ѓоковиќ беше тестиран откако корона вирусот се појави меѓу тенисерите, учесници во „Адрија тур“.

Откако Григор Димитров објави дека е позитивен за Ковид-19, сите учесници беа тестирани и потврдено е дека се заразени Борна Чориќ, фитнес тренерот на Новак, Марко Паничи, како и тренерот на Бугаринот – Кристијан Грох.

Александар Зверев и целиот негов тим беа негативни на тестот, исто како и Марин Чилиќ и Андреј Рубљoв, кои сепак решија да заминат во двонеделна самоизолација.

Новак одби да биде тестиран во Задар, тој дојде во Белград во текот на денот и го изврши тестот во српскиот главен град, а од неговиот штаб беше потврдено дека резултатите ќе пристигнат во вторник.

Покрај светскиот број 1, тестирани се и Ѓорѓе Ѓоковиќ, директорот на „Адрија тур“, како и целото семејство на Новак.

Србинот ќе се обрати пред јавноста по добивањето на тестот.