Ѓоковиќ: Татко ми ме убедува да ставам крај на тениската кариера


 

„Размислувам за пензија, повеќе за тоа како ќе изгледа отколку кога ќе се случи. Мислам дека ќе одлучам кога ќе губам почесто, кога ќе почувствувам дека повеќе не можам да се натпреварувам за најголемите трофеи“, изјави најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ.

Победникот на рекордни 24 Грен слемови, даде големо интервју за магазинот GQ, каде зборуваше и за тоа како неговиот татко Срѓан го „убедувал“ да ја заврши кариерата.

„Се чувствувам како луѓето веќе некое време да ми пишуваат тениски ‘некролог’. Првиот што го започна беше татко ми, иако не знам колку ќе му се допадне што го кажувам ова. Но тој не инсистира. Тој ги разбира и ги почитува моите одлуки, но често ме прашува што друго сакам да постигнам. Тој е свесен за стресот и напнатоста кои влијаат на мојот ум и тело. а со тоа и сите околу мене“, истакна Ѓоковиќ.

Тој поради повреда го загуби полуфиналниот меч од Александар Зверев на последниот Австралија опен. Следниот турнир кој треба да го игра е во Доха, но е неизвесно, бидејќи постои можност паузата да биде подолга, до почетокот на земјената сезона, пренесува Танјуг.